За одредување на стратегијата за вакцинирање на населението за коронавирусот, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска одржа состанок со надлежните министри, заменици и генерални секретар и истакна дека Грција ќе добие над 25 милиони дози од вакцината за Ковид-19, врз основа на договорот на европско ниво, а очекувањата се дека првата испорака ќе пристигне на почетокот од 2021 година, јави дописничката на МИА од Атина.
-Останувам на тоа да има слободен пристап до вакцината за сите Гркинки и Грци, бидејќи оваа Влада уште од почетокот, вакцината ја третираше како јавно добро. Затоа ќе биде бесплатно достапна за сите, без никаков исклучок. Тоа е наша обврска, но во исто време, на овој начин, се покажува нашата посветеност за заштита на јавното здравје, истакна Мицотакис.
Грчкиот премиер, сепак, порача дека мора да се почитуваат мерите, бидејќи во овој момент, вакцината не е достапно решение и ќе биде голема грешка ако доведе до опуштање.
-Сега кога знаеме дека има светло на крајот од тунелот, сега кога сме скоро сигурни дека во првата половина на 2021 година, ќе имаме постигнато доволен степен на вакцинација за да ја оставиме зад нас оваа криза, токму оваа информација треба да нè направи посилни и повеќе посветени на почитувањето на мерките за заштита, порача грчкиот премиер за време на состанокот.