Европа и натаму е жариште на Ковид-19, во САД нагло зголемување на бројот на новозаразени

Европа и натаму е жариште на епидемијата на Ковид-19 во последните седум дена, и покрај стабилизацијата на новите случаи на заразени.

 

Важен индикатор, бројот на дијагностицирани случаи, сепак, одразува само мал дел од реалниот број на заразени и треба да се внимава при споредување на одделни земји, бидејќи политиките за тестирање варираат од една до друга земја.

Пандемијата продолжи да се шири брзо низ светот оваа недела, со 579.000 нови случаи на ден (најмногу досега), или 10 проценти повеќе од претходната недела, според денешните податоци на АФП, пренесува Хина.

Со 284 000 новозаразени на ден, Европа е на првото место во светот, далеку пред САД / Канада (137.000 на ден). Но, бројот на нови инфекции е речиси стабилизиран во Европа (+1 процент) бидејќи многу земји воведоа полициски час или „локдаун”, а број новозаразени нагло се зголемува во Северна Америка (+40 проценти).

Трендот на забрзано ширење на Ковид-19 е забележлив во речиси сите делови на светот: на Блискиот исток (+12 проценти), во Латинска Америка / Карибите (+12 проценти), Африка (+10 проценти) и во Азија (+2 проценти). Вирусот речиси воопшто не циркулира во Океанија (13 случаи на ден, – 23 проценти).

Во Литванија, епидемијата се шири најбрзо (+79 проценти, 1.500 нови инфекции на ден), меѓу земјите кои објавија повеќе од 1.000 случаи на ден минатата недела. Следат Јапонија (+58 проценти, 1100), Србија (+50 проценти, 2600), Шведска (+44 проценти, 4200) и Бразил (+44 проценти, 24.200).

Најголем пад има во Белгија (-53 проценти, 6.700 новозаразени на ден), потоа следуваат Холандија (-32 проценти, 6.200), Чешка (-29 проценти, 8.300), Швајцарија (-29 проценти, 5.800) и Словачка (-23 проценти, 1.900). ) Овие земји воведоа строги епидемиолошки мерки во последните неколку недели.

САД пријавија најмногу нови инфекции на дневно ниво оваа недела, 132.400, далеку повеќе од Индија (45.700) и Франција (42.500). Додека трендот е во мала стагнација во Индија (-1 процент) и Франција (-7 проценти), тој нагло се влошува во САД (+40 проценти). По нив следуваат Италија (34.500, +16 проценти) и Полска (25.000, +19 проценти).

Пропорционално на бројот на жители, освен мини-државите, оваа недела Луксембург сè уште има најмногу новозаразени (650 на 100.000 жители), по што следат Црна Гора (633), Австрија (553) и Чешка (540). Од 34 земји со стапка на инциденца поголема од 200 – 32 се од Европа.

Минатата недела САД пријавија најмногу смртни случаи (1.079 на ден), повеќе од Франција (560), Индија (544), Италија (485) и Мексико (469).

Пандемијата однесе најмалку 1,294 милиони животи ширум светот од крајот на декември 2019 година, а потврдени се повеќе од 52,7 милиони заразени. САД сè уште имаат најголем број на смртни случаи (242.435), следени од Бразил (164.281) и Индија (128.668).

Треба да знаете
Последни објави