Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев се сретна со Андреа Силвестри, новиот амбасадор на Република Италија во земјава. На состанокот е изразена поддршка од Италија за евроатлантските интеграции на нашата држава. Констатирано е дека Република Северна Македонија историски, географски, културно и политички припаѓа на Европа и се изразени очекувања дека нашата држава ќе продолжи да се движи по европскиот пат.
Премиерот Заев се заблагодари за искреното и традиционално пријателство со Република Италија и искажа определба за продлабочување на билатералната соработка посебно на економски план, за што е оценето дека постои заинтересираност од двете страни.
„Европските вредности им се потребни на нашите граѓани и ние продолжуваме да ја развиваме државата според овие принципи. Посветени сме на развојот на добрососедските односи, преку договорите со Грција и со Бугарија,има имплементација на Охридскиот рамковен договор, градиме Едно општество за сите граѓани и сега цениме дека е време за фокусирана посветеност кон економијата, здравството, образованието и на областите што директно се однесуваат на квалитетот на живот на граѓаните во земјава”, рече премиерот Заев.
На состанокот е заеднички оценето дека Италија може да помогне во реформите во правосудството и владеењето на правото, а е разговарано и за соработка во областа на здравството.
Премиерот Заев, на средбата со амбасадорот Силвестри, упати покана до италијанскиот премиер Џузепе Конте за официјална посета на нашата држава, кога ќе биде проценето дека постојат услови за тоа.