Вечерва во „Само интервју“ гостуваше Рашела Мизрахи, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. При гостување во самата емисија посочи дека власта за да ја дефокусира јавноста користи дезинформации во врска со опозицијата, наместо да признае до каде се со преговорите со Бугарија и да признаат дека тие се виновни зошто денес Македонија преговара со Бугарија за македонски херои и македонски јазик.
„За жал политиката во Македонија се повеќе се сведува на едно шоу, и многу дезинформации се шират во јавноста и верувам дека тоа ја анимира јавноста и ја дефокусира од реалните проблеми, секојдневни проблеми“, појасни Мизрахи.
Мизрахи додаде дека власта секојдневно шири дезинформации во јавноста, за да се дефокусира јавноста од несупесите на СДСМ.
„Целата ситуација со Бугарија и Македонија е повеќе од небулозна. Значи културолошки и цивилизациски и на било кој начин гледано Македонија припаѓа во ЕУ. На Македонија секогаш Брисел и Вашингтон и биле стратешки партнери и тоа било секогаш, сега е и ќе биде во иднина. Знаете како ова наликува на тоа што Македонија е економски послаба држава да биде сега новото детенце кое што сака да влезе на фудбалско игралиште и му викаат не можеш да влезеш да играш со нас фудбал заради тоа што се викаш Горан, Стефан, се викаш Македонија“, појасни Мизрахи.
Мизрахи се осврна и на ветувањата на власта, па потсети дека Заев велеше дека сите мерки кои што се спроведуваат за превенирање на економската криза од КОВИД се добри, но за жал се покажа дека воопшто не се добри. Во тие избори Заев ветуваше дека здравствената криза е под контрола. Па излезе дека не е под контрола. Предизборната агенда и кампања на Заев не излезе како постизборна кампања. Се ветуваше премногу, граѓаните посегнаа по тоа што е ветувано и сега одеднаш излегува дека нема ништо.
Мизрахи посочи дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ повика да се формира преодна влада, таа влада би знаела како да се справи со кризи. Во овој момент граѓаните на Република Македонија се чуствуваат како да нема пилот во авион, и се додека граѓаните така се чуствуваат и се наоѓаат во тој авион треба да бараат да се постави пилот во самиот авион за да се чуствуваат безбедно. Е за да се чуствуваат безбедно под итно треба да се формира експертска влада која што ќе знае како да се справи со ситуацијата за да се нема непријатности.
„Четири години го имаме СДСМ на власт. Дојдоа со план програма „Живот за сите“, гледате живот за сите? Не. Се дојде со програма која што викаше „Нема правда, нема мир“, гледате правда, гледате мир? Гледаме што се случува во судството, гледаме што се случува во економијата“, истакна Мизрахи.
Мизрахи додаде дека Извештајот на ЕК покажува дека ситуацијата во Македонија не е толку розова колку што ја прикажува СДСМ.
„Се чувствува политичкиот притисок кон населението, се чуствува економски притисок, се чуствува страв кај населението, се чуствува чуден молк“, нагласи Мизрахи.
„Честопати добиваме закони кои што се по скратена постапка со ЕУ знаменце. Па како новинари ве повикума земете ги законите и преведете ги на „Google translate“ на англиски и видете од каде се ископирани. Не се копира закон, во тие реченици нема подмет, прирок и додаток, а ние креираме стотици закони еве 170 се сега дојдени во системот во Парламентот кои што се copy paste од некој друга европска држава“, нагласи Мизрахи.
Мизрахи додаде исто така дека ВМРО-ДПМНЕ нема да оди на избори во Штип за да не ги изложува граѓаните на опасност од заразување од КОВИД-19. Во време кога во Штип бројката на новозаболени расте, кога градот нема вода со денови, избори не треба да има по секоја цена. Власта не треба граѓаните да ги изложува во опасност.