На одбележувањето на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје пред Споменикот на ослободителите, на платото пред Владата на Република Северна Македонија, денеска се обрати и претседателот на Градскиот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ, Трајко Стаматоски.
-Го одбележуваме денешниот ден во многу поинакви услови. Пандемијата на вирусот што го зафати целиот свет, а не ја одмина ниту нашата земја, го наложи тоа. Се устројува во светот поинаков живот, поинакво ограничено општење меѓу луѓето воопшто. Ни останува нам да се сообразуваме со таа реалност и да очекуваме победа над вирусот и враќање во нормалата. Нормално, одбележувањето на овој значаен ден – првото вистинско ослободување на својот главен град со сопствени сили е под знакот на општата политичка состојба во земјата и во светот. Сведоци сме на оспорување на нашата национална посебност, на притисок да примиме нешто што никако не можеме да го сториме. Ние како борци сме посебно чувствителни кога се става под прашалник македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Особено сме погодени кога се омаловажува и негира нашата народноослободителна борба и светлите датуми во неа, како почетокот на востанието – 11 Октомври и круната на вековната борба АСНОМ. Ние многу добро знаеме како се водеше таа борба, против кого се водеше и со какви жртви се извојува слободата – рече денеска Стаматоски.
Тој објасни дека досега многу пати укажувал на храброста на младите партизани во борбите за секоја улица, за секоја поголема зграда (како Железничката станица, Офицерскиот дом, училиштето „Гоце Делчев“ и Женската гимназија и на крајот Учителската школа, за жртвите што биле дадени (точно 398) меѓу кои и на повеќемина првоборци како Васе Стојановски, Панче Арсовски, Драга Стојанова и други, за подвизите на диверзантските групи, особено при деминирањето на Камениот мост и браната во хидроцентралата Матка, за стрелањето на недолжните скопјани кај Камениот мост и за многу други значајни моменти.
-Овојпат ми се наметнува потсетувањето на далекосежната акција на командантот на Главниот штаб на народноослободителната војска, генерал Михајло Апостолски, да не се дозволи влез во Скопје на единици од тукушто преобразената бугарска отечественофронтовска војска. Како ќе се користеше денеска тоа влегување. Се покажа дека и во тешките борби при дефинитивното ослободување на Скопје и на земјата се имало длабоко чувство, како за минатото, така и за иднината. Својата војничка генијалност генерал Михајло Апостолски ја покажа во многу големи акции во текот на НОБ, особено во грозоморниот Февруарски поход, во жестоката пролетна офанзива во источна Македонија кога се водеа секојдневни борби на широк фронт, во која загина меѓу другите и политичкиот секретар на Првиот скопски партизански одред Дамјан Крапчев – Стари – додаде Стаматоски.
Актуелниот миг во општествениот живот, рече тој, го карактеризира упорно настојување на највидните претставници на германскиот политички врв, особено на канцеларката Ангела Меркел да се изнајде разумно решение во македонско-бугарскиот спор и да се деблокира влезот на Македонија во ЕУ, притоа да се тргнува од европските принципи.
-Пред нашата земја стои задачата – упорна работа за подобрување на условите што ги предвидува членството во ЕУ, како што се владеењето на правото, водењето сметка за економските принципи, со еден збор работа на исполнување на условите за прием во ЕУ. Тоа ќе придонесе да го пречекаме подготвени почетокот на преговорите. Ако ништо друго, тоа ќе придонесе за повисок животен стандард на нашите граѓани. Да веруваме во посветла иднина – порача Стаматоски, на денешната свеченост.