Македонската женска кошаркарска репрезентација одигра добар натпревар со германската селекција, иако на крајот загуби со 59:74. Анжелика Митрашновиќ имаше фантастичен настап со 30 поени и 6 асистенции, а се истакна и Бонер со дабл-дабл од 14 поени и 11 скока.
На полувремето Македонките водеа со 34:31, но немаа сили за цел натпревар во ист ритам. Селекторот Владимир Ѓоровиќ е задоволен од прикажаното на неговите избранички. – Пораз како пораз, нормално, никој не сака да губи. Но за нас ова е пораз кој не боли, затоа што со ова е потврдена онаа добра игра против Хрватска. Тоа е нешто што најмногу ме радува. Сакам да кажам дека одамна не сме одиграле два врзани, вака „тврди“ натпревари. Натпревари по кои искрено се надевам дека ќе го промениме тоа што го имаме во главите. И дека никогаш повеќе нема да бидеме топовско месо за противниците, туку ќе бидеме вистинска конкуренција за нив, изјави Ѓоровиќ на крајот од вториот дел од квалификациите за Евробаскетот 2021 година.
Следни настапи македонските кошаркарки во квалификациите ќе имаат во февруари 2021 година, на турнирот во Хрватска, против домашната селекција и против Летонија и на Хрватска.