Мицкоски до Русковска: Една јавна обвинителка, која ја нарекуваа „специјална“, исто отфрлаше пријави за Заев, знаете како заврши

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека е неетички тоа што обвинителката Вилма Русковска јавно соопшти оти пријавата на Антонио Милошоски за инволвираност на премиерот Зоран Заев во случајот „Рекет“, ќе биде отфрлена.

– Една друга таква јавна обвинителка, која ја нарекуваа „специјална“, исто така отфрлаше пријави за Зоран Заев, знаете како заврши. Претпоставувам сите тие коишто денеска одлучуваат да бидат слуги на Зоран Заев ќе завршат на начинот на којшто заврши и таа претходната. Така што, ова не само што е направен чекор, туку е и неетички да се соопштува на отворена сцена одлука. Требаше уште истиот момент кога заврши Комисијата да си поднесе оставка и да одговара за сето она што го правела во изминатиот период како обвинител во Обвинителството за организиран криминал. Со такви луѓе не можеме да имаме судство ослободено од политичко влијание.Не можеме да имаме ниту реформи во судството и обвинителството коишто нас треба да не одведат онаму каде што сите ние целиме, а тоа е Европската унија, рече Мицкоски на пресес-конференција  во партиското седиште.

Според него, сечени и лепени материјали се признаваат од правосудните органи само кога тие и одговараат на власта.

– Имаме на вагата две работи коишто, за жал, се немерливи. Едната кога се однесува за Зоран Заев -сè што е сечено, лепено, не важи, а за други случаи каде што имаме исто така докажани сечени, лепени материјали, важи. Е тоа така не може да биде, рече Мицкоски, додавајќи дека со такво обвинителство и судство ние никогаш не можеме да стигнеме онаму каде што се стремиме, а тоа е Европската унија.

Треба да знаете
Последни објави