Реконструиран булеварот 8.Септември, завршува сезоната на реконструкциите

Екипите на Град Скопје во рок од 30 дена ја завршија реконструкцијата на булеварот 8.Септември во општина Карпош, на потегот од булеварот Илинден до улицата Скупи, а со тоа завршува и градежната офанзива за оваа година во која реконструирани и во изградба се вкупно 21 сообраќајница. На овој булевар е извршена комплетна реконструкција на коловозот, реконструкција на тротоарите, замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници, во двете насоки, во должина од 980 метри.

– Овој булевар е еден од најискористените во општина Карпош бидејќи преку мостот на Вардар ги поврзува населбите Карпош 2 и 3 со Злокуќани, Бардовци, Визбегово и околните населби.    Пред 2 години на овој булевар изградивме велосипедска патека од улицата Варшавска до надвозникот кај „Александар палас“. Годинава ја продолживме оваа велосипедска патека од надвозникот до улицата Скупи и на тој начин го довршивме т.н. Конектор 5 кој ги поврзува трите главни велосипедски рути, на булеварите Илинден, Партизански одреди и Митрополит Теодосиј Гологанов, и патеката по кејот на Вардар во вкупна должина од 2 километра. Булеварот ќе добие и нов дрворед – рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.

 

Тој упати благодарност до граѓаните кои покажаа разбирање и трпение кое беше неопходно за во исто време да се реконструираат голем број улици.

 

– Не застануваме тука, продолжуваме со изградбата на булеварот Никола Карев од касарната Илинден до клучката со Момин поток и потоа да влеземе во целосно решавање на сообраќајниот јазол кај  клучката со Момин поток што е еден од главните сообраќајни јазли – рече Шилегов.

Треба да знаете
Последни објави