Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува да се случи првата меѓувладина конференција со ЕУ во декември, затоа што, рече, тоа Европа им го должи на македонските граѓани, како и да бидат со резигнираност отфрлени максималистички, крајно негаторски и неевропски позиции на нашиот источен сосед.
Овие неколку дена, истакна на денешната прес-конференција Мицкоски, се многу значајни во разговорите со Бугарија. Апелираше Владата како свој прв приоритет да ги постави заштитата на националните и стратешки интереси и да постигне решение, како што нагласи, не по цена на самоодрекување и бришење, туку решение гарантор на нашиот идентитет, јазик, посебност и виза за непречен почеток на преговорите со ЕУ.
Мицкоски предупреди дека ако Владата се обидува да преговара со Бугарија за решение кое ќе го негира нашиот идентитет, историјата, антропологијата на македонскиот јазик и неговата посебност, во која ќе ги понижи жртвите на македонските дејци кои се бореа за незвисна современа македонска држава, ако, во исто време преговара за решение со кое ќе се откаже од македонското малцинство кај нашиот источен сосед, дека окупаторот бил административец, ќе и се случи народ истиот ден низ цела држава.
– Ако Владата постигне решение недвосмислено заштитувајќи го македонскиот јазик и неговата антропологија и историја, да не се откаже од македонското малциснтво кај нашиот источен сосед, решение во кое ќе ги заштити историјата, имињата и жртвата на дејците кои животот го положија за независна македонска држава, решение во кое нема окупаторите да бидат административци, јас ќе бидат првиот кој ќе застане пред вас и ќе им честитам и ќе речам секоја чест ги одбранивте македонските национални интереси, изјави лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски.