Хамилтон со победа на најлудата трка годинава дојде до седмата титула во Формула 1

Луис Хамилтон со победата на Големата награда на Турција ја освои седмата шампионска титула во Формула 1 и се израмни со легендарниот Михаел Шумахер.

Трката на Истанбул парк беше преполна со возбудувања. Благодарение на бројните пресврти и дождливите услови, можеби беше и најдобрата трка оваа сезона. Хамилтон се мачеше во првиот дел од трката, имаше неколку грешки, но уште еднаш до израз дојде неговото паметно возење и можноста да ги штеди гумите.

Возачот на Мерцедес стартуваше од шестото стартно место, а првата позиција ја презеде во 37 круг и до крајот со супериорно возење дојде до 94-тата победа во кариерата. Половина од трката им припадна на возачите на Рејсинг Поинт. Ленс Строл и Серхио Перез беа на првите две места, а на крајот само Перез стигна до подиумот, односно втората позиција.

Возач на денот е Шарл Леклер кој со импресивно возење од 14. место на крајот дојде до четвртата позиција откако во последните свиоци го загуби второто место.

Себастијан фетел на крајот заврши на подиумот како третопласиран, додека одличен резултат оствари и Карлос Саинз кој заврши како петти. Губитник на денот е Макс Ферстапен. Холанѓанецот заспа на стартот, загуби неколку позиции, кон средината на трката направи голема грешка во намерата да го престигне Перез, се изврте на патеката и тука беше крајот на неговите надежи. На крајот заврши како шести.

Бодови освоија уште и Александер Албон, Ландо Норис, Ленс Строл и Даниел Рикардо. Валтери Ботас повторно имаше лоша трка, заврши дури како 14-ти.

Треба да знаете
Последни објави