Предизвикот на Бојан Киров, кој има дијабетес тип 1, на Светски ден на дијабетесот -14 Ноември, да го искачи врвот на планината Водно (1060) петпати, е успешно завршен. Бојан, искачувајќи го Водно петпати, успеа во намерата на сите 5000 лица со дијабетес тип 1, да им посвети по еден метар. Предизвикот на Бојан Киров е именуван „5000 метри за 5000 луѓе”.
-Искачувањето помина во најдобар ред. Со поддршка од голем број наши фејсбук-фанови, пријатели, љубители на природата и случајни минувачи, Бојан успешно ги помина предвидените пет искачувања, со што се одбележа 14 Ноември, Светскиот ден на дијабетесот. Им благодариме на сите кои го поддржаа настанот. Воедно ги поттикнуваме останатите луѓе да извлечат мотивација од овој подвиг и да почнат да спортуваат, велат од Здружение на дијабетичари.
На врвот на Водно беше стациониран медицински тим во состав: д-р Катерина Адамова, субспецијалист ендокринолог, која ја следеше состојбата и варијациите на гликемијата во текот на акцијата, д-р Александар Манолев, специјалист интернист, кој го следеше тренажниот процес на Бојан Киров и неговата здравствена состојба со соодветна медицинска опрема за контрола на пулсот и притисокот и д-р Елена Манолева Николовска, специјалист педијатар.
Подвигот на Бојан е негова иницијатива, а се остварува во соработка со „Здружение на дијабетичари Тетово”.