Овластениот албански министер за Европа и надворешни работи, Гент Цакај, говорејќи за обвиненијата на Специјалниот суд во Хаг за лидерите на ОВК, изјави дека апсолутно немало верска војна на Косово.
– На Косово немаше верска војна. Обид на Србја е да се каже дека во Косово имало ваква војна, што навистина нема врска со вистината, бидејќи Албанците водеа ослободителна војна, истакна Цакај, кој по потекло е од Косово.
Тој додаде дека обвинителот посведочил дека немало трговија со човечки органи.
– Објективно е негирано дека постоела трговија со органи во финалниот извештај на обвинителот, тоа значи дека ова е отфрлено пред да започне процесот, рече Цакај.
Според него, Република Албанија ќе преземе мерки во врска со извештајот на Дик Марти во врска со тврдењето дека имало трговија со органи, но тоа во моментов не е за јавност.
– Ние мора да реагираме како нација. Не смееме да дозволиме оваа ситуација, која многу лесно се манипулира од јавноста, да се обиде да ја претстави ОВК како терористичка организација. Специјалниот суд е неправеден и пристрасен. Овој суд може да му наштети на угледот на Косово и на ОВК, што не смее да се дозволи, смета албанскиот министер.
Тој додаде дека спектаклите што се случиле со апсењето на лидерите на ОВК, биле непотребни, бидејќи осомничените изразиле подготвеност да одговорат на поканата на судот.