Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, оствари средба со амбасадорот на Народна Република Кина во нашата земја, Н.Е. Џанг Ѕуо, со кого разговараа за досегашната економска соработка помеѓу двете земји, како и за можности за унапредување на истата.На самиот почеток на состанокот, амбасадорот информираше дека Комунистичката партија на Кина, која е владеачката партија во земјата, неодамна усвои два клучни документи кои се важни за економски развој на Кина: 14-от петгодишен развоен план и Долгорочниот план за развој до 2035 година, a кои би требало да бидат усвоени од Народниот Конгрес на Кина на пролет 2021 година. Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Ѕуо, констатираа дека економската соработка помеѓу земјите, дури и во услови на светската пандемија предизвикана од коронавирусот Ковид 19, има тенденција на пораст, а тоа се отсликува со зголемување на трговската размена од 6%, како и зголемување на извозот од нашата земја кон Кина, за 11,7%, во периодот јануари-септември 2020 година, во однос на истиот период лани. Битиќи посочи дека позитивните стапки на раст на трговската размена се добар податок, а додаде дека Кина е една од најголемите светски економиии и дека има многу можности да се унапреди економската соработка. Вицепремиерот посочи дека близината на Република Северна Македонија до земјите на ЕУ, како и одличната инвестициска клима во земјата, се одлична можност за реализација на инвестиции на кинески компании, особено во производството, со што значително би се подигнала конкурентноста на производите, поради близината на нашата земја до ЕУ и можноста производите брзо да бидат доставени до крајните дестинации во земјите од ЕУ. Воедно, додаде Битиќи, има можности за инвестиции во веќе постоечки компании, со цел да се искористи кинеското искуство во развој на технологиите и знаењата, за да се прошират нивните производни процеси и да се влијае на освојување на нови пазари. Соработката во земјоделството е уште една можност за двете земји, особено во преработувачката индустрија. За идеите кои произлегоа од меѓусебната средба, а кои би можеле да имаат позитивен импакт на економската соработка, вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Ѕуо се согласија да имаат тесна соработка и понатаму да работат на развивање на овие процеси, со цел уште повеќе да ја развиваат меѓусебната економска соработка.