Поранешниот гувернер Димитар Богов, по повод Надзорната расправа во Собранието за пропаѓањето на Еуростандард банка што се одржа во петокот, достави свое писмено мислење до Комисијата за финансирање и буџет. Богов беше спречен да присуствува на расправата поради тоа што се наоѓа во странство, но сепак се одзва на поканата од Комисијата да се произнесе за случајот Еуростандард банка кој предизвикува големо внимание во јавноста, објави Банкарство.
Според Богов, НБРМ постапувала професионално и ги презела потребните мерки според законот, а евидентно е дека покрај сите преземени мерки и засилен надзор, акционерот ја довел банката во состојба на несолвентност и не обезбедил нејзина докапитализација на потребното ниво во дадениот рок. Во таква ситуација одземањето на согласноста е единствено исправно решение.
Неговото мислење го пренесуваме во целост:
„Регулаторот на банкарскиот сектор, во нашиот случај НБРМ, со закон е задолжена да ја одржува стабилноста на банкарскиот систем. Стабилноста на секоја индивидуална банка е одговорност на акционерите и раководството на банките. Сепак, банките се пазарни субјекти, но поради тоа што последиците од пропаѓање на банка се многу поголеми отколку од обично претпријатие, банкарството е сектор кој е под регулаторен надзор во обликот на банкарска супервизија. Тоа придонесува за поголема сигурност на банките и помала веројатност за пропаѓање отколку на претпријатијата. НБРМ значително го зајакна капацитетот на банкарската супервизија во изминатиот период и одземањето на согласноста на Еуростандард банка (ЕСБ) е единствен случај во последните 12 години. За споредба, во Европската Унија секоја година се одзема согласноста на десетина банки. Во Хрватска, во последните десет години одземена е согласноста на 8 банки, а во Србија на 11 банки. Никаде за тоа не го обвинија регулаторот.
Народна банка врши ex post контрола на кредитната изложеност на банките при редовната супервизија. Притоа, таа го утврдува ризикот на поголемите индивидуални кредити и општиот ризик на кој се изложени банките. Поради утврдениот повисок кредитен ризик, ЕСБ беше под засилен надзор, при што НБРМ вршеше теренска контрола секоја година. Народната банка може да ги презема сите законски мерки согласно Законот, но не може да ги микроменаџира банките. Тоа е во исклучива надлежност и е одговорност на акционерите и раководните структури во банките.
НБРМ не е институција која утврдува дали има криминал туку го проценува ризикот на кој се изложени банките. Во ЕСБ се соочувавме со банка која презема високо ниво на ризик. Врз основа на констатираните слабости во управувањето со ризиците, уште од 2013 година, гувернерот преземаше редовни и вонредни мерки согласно Законот за банките и соодветно на ризиците на кои беше изложена банката. Тие меѓу другото вклучуваа и забрана за кредитирање на клиенти класифицирани пониско од А категорија, односно дозволуваа давање кредити само на најдобри клиенти класифицирани во А категорија. Исто така, од банката се бараше да одржува ниво на капитал скоро двојно повисоко од законскиот минимум.
Акционерот на ЕСБ и Надзорниот Одбор (НО) беа редовно информирани од НБРМ за состојбите во банката. Банкарската супервизија редовно ги презентираше наодите од контролите во банката пред НО. Дополнително, гувернерот во два или три наврати (во мое време) го повика целиот состав на НО и им ја презентира реалната состојба во банката, проблемите со кои се соочува и мерките кои треба да ги преземат. При секоја теренска контрола НБРМ утврдуваше потреба од дополнително издвојување резервации за ризичните пласмани и бидејќи тоа го намалуваше нивото на капитал беше издавано решение за докапитализација на банката, со што адекватноста на капиталот на банката се одржуваше во рамки на законските барања.
Отворање администрација во банка е една од мерките кои се предвидени во Законот за банки, но дали оваа супервизорска мерка ќе ја примени супервизорот, зависи од проблемот со којшто се соочува банката, респонзивноста на нејзиниот менаџмент и клучно – подготвеноста на акционерите да ја поддржат банката. Воведувањето администрација се применува само ако со нејзината примена може да се постигне резултат. Во конкретниот случај, имајќи предвид дека акционерот презел обврска да ја докапитализира банката, воведувањето администрација би било нецелисходно.
По својата природа банките работат со ризик, бидејќи секој даден кредит значи изложување кон одредено ниво на ризик. Банките во својата деловна политика одредуваат кој ќе биде нивниот апетит за преземање ризик. Тие можат да одобруваат кредити и без обезбедување. Впрочем банките во Македонија се прилично конзервативни споредено со банките во развиените економии и најчесто одобруваат кредити со високо обезбедување. Но, поради неразвиениот пазар на недвижности, обезбедувањето кое најчесто е хипотека на имот не е гаранција дека банката би си го наплатила побарувањето со продажба на хипотеката. Задача на регулаторот е да го процени ризикот, да обезбеди банката да издвои соодветна резервација за тој ризик и да одреди ниво на капитал кое банката треба да го одржува. ЕСБ беше банка од која се бараше одржување на исклучително високо ниво на капитал соодветно на ризиците на кои беше изложена.
Во случајот на ЕСБ, НБРМ постапуваше професионално и ги преземаше потребните мерки согласно со законот. Од јавно расположливите информации, евидентно е дека покрај сите преземени мерки и засилениот надзор, акционерот ја довел банката во состојба на несолвентност и не обезбедил нејзина докапитализација на потребното ниво во дадениот рок. Во таква ситуација одземањето на согласноста е единствено исправно решение. И покрај одењето во стечај на ЕСБ, НБРМ ја зачува стабилноста на банкарскиот систем и со тоа финансиската стабилност, што е нејзина втора цел покрај одржувањето на макроекономската стабилност како основна цел согласно Законот“, вели поранешниот гувернер на Народната банка, Димитар Богов во мислењето доставено до собраниската Комисија за финансирање и буџет.