Министерството за здравство ја информира јавноста дека во врска со 41 годишната пациентка која почина на инфективното одделение во Клиничката болница Штип, Државниот санитарен и здравствен инспекторат во моментов спроведува вонреден инспекциски надзор за конкретниот случај.
Станува збор за мајката на Михаела Довичинска, која вчера на Фејсбук напиша што се случувало со починатата штипјанка, откако била примена на инфективното одделение на 6 ноември, до нејзината смрт завчера во истата болница.
Според Довичинска, нејзината мајка последните часови од животот ги поминала во агонија, барајќи безуспешно помош од медицинскиот тим во болницата, а за што сведочи листингот на повици од мобилниот телефон на починатата.