Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска учествуваше на онлајн состанок со претставници на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, на која главни теми на разговор беа активните политики на пазарот за труд, невработеноста, минималната плата и пензискиот систем.
Околу реализацијата на активните мерки од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување преку Агенцијата за вработување, министерката Шахпаска истакна дека и во време на пандемија од КОВИД 19 имаме успешна реализација со високи 95%, а особено голем интерес кај програмата за субвенционирање на плати поради што е направена пренамена од друга програма и поддршката на субвенционирање на плати се обезбеди за 1974 лица наместо 1627 како што беше првично планирано. Таа додаде дека и останатите планирани програми се реализираат непречено.
Во однос на минималната плата, министерката информираше дека таа е уредена со Закон од 2012 година, а од 2017 година утврдени се критериумите за утврдување на висината на минимална плата на годишно ниво. Согласно Законот, минималната плата се коригира со по една третина од : пораст на платите, трошоците на живот и бруто домашниот производ, за што претходно согласност дава Економско социјалниот совет, како трипартитно советодавно тело на Владата на Република Северна Македонија.
Со цел да им се олесни помогне на работодавачите поради проблемите со кои се соочија на почетокот на април се донесе Уредба со Законска сила за примена на Законот за минимална плата , со која се одложи примената на утврдениот износ на минимална плата, односно и за месеците април, мај и јуни 2020 година продолжи да се исплаќа минимална плата во износ од 14.500 денари. Утврдениот износ на минимална плата во износ од 14.934 денари започна да се применува од месец јули 2020 година.
„Зачувувањето на секое работно место е наш приоритет, а во таа насока беа и економските пакети на помош на граѓаните и на компаниите. Притоа, за да може работодавачот да биде корисник на некои од мерките како услов се постави задржување на истиот број на вработени од пред кризата. Во однос на помошта кон компаниите со четвртиот пакет економски мерки креирани заедно со сите засегнати страни, се дојде до одлука тоа да се изврши скалесто односно компаниите кои имаат помала загуба добијат помала помош, а оние со поголеми загуби, поголема помош. Таа би се движела од 14.500 денари по работник до 21.700 денари, “ истакна Шахпаска.
Во делот на измените кои се прават во Законот за работни односи, односно пензионирањето на 64 години старост и 15 години стаж, министерката ги посочи исклучоците на вработените во здравството и високото образование, а според досегашните проценки се работи за бројка од околу 6000 лица, од кои 4000 се дел од јавната администрација.
Во делот на субвенционирање на придонеси министерката информираше дека согласно Законот за субвенционирање на придонеси донесен во 2019 година, неговата примена е три години и ова е процес кој сеуште тече, односно субвенционирањето на придонесите се врши кога платата на работникот е зголемена до 6.000 денари.