Владата итно да ги преиспита своите одлуки за помош на најзагрозените индустрии од пандемијата и да и излезе во пресрет на предлог-иницијативата за формирање нов, посебен петти сет мерки наменет исклучиво за угостителите и целокупната угостителска индустрија, бара Независната угостителска комора (НУК).
Според НУК, од неколку стотина угостителски објекти кои ќе се изјаснат дека се т.н. ресторани за свадби, неповратна финансиска помош ќе добијат едвај 120 угостители.
-Од 6.500 угостителски објекти што имаат итна потреба и право на грант, Владата преку Министерството за економија планира да подели, односно врати во угостителската индустрија на повластени угоститители едвај цели 0,1 отсто од влогот во новата развојна македонска економија од сите четири пакети мерки кои изнесуваат вкупно една милијарда и 20 милиони евра. Она што е уште попоразително, жално и фрапантно е дека распределбата на оваа финансиска помош е замислена да се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен”, наведува претседателот на НУК Здравко Јосифовски.
Според него, оние ресторани што ќе добијат грант зашто се декларирале дека се „ресторани за свадби” ќе треба да се откажат да работат ала кард – “à la carte”. Во спротивно, доколку остваруваат дополнителни приходи ќе мора да ја вратат поддршката. Рестораните, пак, кај кои е востановено дека за време на забраната за организирање прослави, веселби и свадби, организирале свадби и други прослави во своите објекти или се казнети и јавно прозвани за прекршување на мерките, нема да имаат право да учествуваат на овој јавен повик.
-Доколку остане во најавената верзија, Јавниот повик на Министерството за економија за грантови за ресторани за свадби сам по себе е контрадикторен и ништовен. Причината за ова е дека со Програмата за поддршка на угостителскиот сектор се предвидени грантови за ресторани со кои треба да се опфатат сите категоризирани ресторани во Република Северна Македонија кои поради КОВИД-пандемијата беа затворени. Во моментов од информациите достапни на страната на Министерството за економија со јавно објавениот Регистар на категоризирани ресторани, има само 62 ресторана. Исто така, Програмата за поддршка на угостителскиот сектор е ништовна зашто поради пандемијата сите ресторани, односно угостителски објекти, без исклучок, од 14 март до 28 мај беа затворени, а после работеа согласно важечките протоколи, со исклучок на ноќните клубови и дискотеките кои се единствените кои се уште се затворени и во ниеден момент по затворањето не добија протоколи за отворање и работа. Не постојат ресторани кои биле или се издвоени и посебно затворени поради КОВИД, нагласува Јосифовски.