Министерот за надворешни работи, Бујар Османи,учествуваше на видео состанок на Коалицијата за слобода на медиуми, во рамки на Втората глобална конференција за слобода на медиуми со која ко – претседаваат министрите за надворешни работи на Канада и Обединетото Кралство, Франсоа Филип Шампањ и Доминик Раб. Целта на состанокот беше согледување на актуелната состојба со слободата на медиумите, како и негативниот импакт над истите како резултат на пандемијата со Ковид 19 вирусот.
„Наша цел е, преку унапредување на законската рамка, преку владините политики и преку партнерство со медиумските организации да создадеме услови за слободни, плурални и независни медиуми кои даваат медиумски услуги за целосно информирањево интерес на граѓаните”, истакна Османи.
Ова е прва министерска средба на Коалицијата за слобода на медиуми која беше формирана од Канада и Обединетото Кралство на Првата глобална конференција што се одржа во Лондон во 2019 година и во која членуваат триесет и седум земји, меѓу кои и Република Северна Македонија, а кои се залагаат за јакнење на заедничките напори на сите актери на глобално и национално ниво за заштита на правата на новинарите и креирање слободен плуралистички медиумски простор. Фокусот на оваа Коалиција е неопходно професионално дејствување и известување на медиумите во насока на јакнење на нивната одговорност и подигање на општествената свест за детектирање на дезинформации.