Ерменскиот премиер Никол Пашинјан на онлајн прес-конференција утринава изјави дека тој ја сноси главната одговорност за ситуацијата во Нагорно-Карабах, пренесува ТАСС.
„Се разбира, разбирам дека јас сум главниот одговорен за оваа ситуација“, рече Пашинјан.
Како резултат на воените операции во Нагорно-Карабах, контролата врз неколку области во непризнатата република ќе премине кај Азербејџан.
Ерменските вооружени сили претрпеа пораз во Нагорно-Карабах зашто тие се бореа не само против Азербејџан, туку и против турските сили и платените терористи од Блискиот Исток, наведува ТАСС.
„Следејќи ги резултатите од јулските битки [во североисточна Ерменија] стана јасно дека сме подготвени за војна со армијата на Азербејџан. Но, војната со Азербејџан, Турција и терористите беше главната причина за нашиот неуспех“, нагласи тој.
Ерменските власти во многу наврати изјавија дека Турција е вклучена во воениот конфликт во Нагорно-Карабах. Ереван објави дека турските војници се борат за азербејџанската армија, а Анкара ја презеде командата со воздушните битки и распределува терористи од Блискиот Исток, особено од Сирија и Либија, во Карабах.
Неколку стотици ерменски војници и офицери се водат како исчезнати како резултат на борбените операции во Нагорно Карабах, рече Пашинијан.
„Имаме неколку стотици исчезнати војници од почетокот на војната“, рече ерменскиот премиер.
Армијата на непризнатата Република Нагорно-Карабах ќе го задржи својот статус по потпишувањето на трилатералниот договор за прекин на огнот, рече Пашинијан.
„Одбранбената армија на Артсак [непризнатата Република Нагорно-Карабах] останува армијата на одбраната на Арсак. Таа ќе го задржи својот статус и мора да се развива. Армијата е гарант за суверенитетот на Артсак”, нагласи ерменскиот премиер.
На 9 ноември, рускиот претседател Владимир Путин, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан потпишаа заедничка изјава за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах почнувајќи од 10 ноември.
Со договорот се запрени воените операции во регионот, Азербејџан и Ерменија ќе ги задржат позициите што сега ги контролираат, а во регионот ќе бидат распоредени руски мировници.
Обновените судири меѓу Азербејџан и Ерменија избувнаа на 27 септември со интензивни битки во спорниот регион Нагорно-Карабах. Областа доживеа разгорување на насилството летото 2014 година, во април 2016 година и минатиот јули.
Азербејџан и Ерменија воведоа воена состојба и почнаа со мобилизација. Двете страни во конфликтот пријавија жртви, меѓу нив и цивили. Како резултат на консултациите иницирани од Русија во Москва, Баку и Ереван се согласија да прекинат со огнот на 10 октомври за хуманитарни цели за размена на воените затвореници и мртвите. Сепак, примирјето подоцна беше прекршено.
Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но мнозински населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година, кога автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.
Од 1992 до 1994 година тензиите ескалираа во големи воени акции за контрола над енклавата и седумте соседни територии, кога Азербејџан ја изгуби контролата над нив. Разговорите за решението за Нагорно-Карабах траат од 1992 година под водство на групата од Минск на ОБСЕ, предводена од Русија, Франција и САД.