НУ Театар за деца и младинци ја најавува премиерната изведба на младинската претставата „Што е силеџија”, авторски текст на Горјан Милошевски и Хана Миленковска, во режија на Хана Миленковска, која ќе се одржи на 18.11.2020 (среда) во 19:00 часот.
Во претставата со „Што е силеџија“ на прв план се опфаќаат проблемите поврзани со врсничкото насилство, поточно силеџиството во едно средно училиште. На втор план, всушност подлабоко вграден во самата драмска содржина, се прикажува проблемот на силеџиството во општеството, како и гневот што го носиме во себе, кој предизвикува друг гнев. Темите кои се застапени во текстот, чии автори се Горјан Милошевски и Хана Миленковска (исто така режисер на претставата), произлегуваат од еден сложен синџир, од една долга верига на односи, трауми, случки, силеџии од детството, силеџии од сегашноста итн. Имено, веќе не е доволно и не помага само да се зборува за силеџиите и нивниот чин на насилство, да се прави претстава или филм во кој гледаме како насилни индивидуи малтретираат други индивидуи. Веќе живееме во време кога сме освестени за повеќеслојноста на овој проблем. Мора да се најдат причините, настаните, луѓето кои од едно нормално дете, еден чист човек направиле силеџија. Кои се силеџиите на силеџиите? Кои се факторите за еден човек да манифестира силеџиство?
Со режисерката Хана, овие проблеми и овие прашања ги разгледуваме преку триаголникот: семејство, игралиште и училиште. Значи, причините мора да се бараат во минатото, во околните причинители, средината: фамилијата, училиштетот и местата каде што младите играат со своите другари.
Приказната се врти околу еден инцидент во кој учествуваат пет средношколци: Васил, Стефан, Марија, Мартин и Луција. Ги гледаме овие млади луѓе кои носат трауми од своето минато, од детството, кои се заробени во еден синџир на насилници и насилнички методи и корупција. Гледаме како ништо сериозно не се презема во врска со жртвите на насилството, како никој не реагира на гневот, агресијата што се пренесува од еден на друг, од една средина во друга, поради траумите или во име на личните интереси. Ретко кој размислува за долгата верига на односи, трауми, случки и силеџии, не се пристапува на проблемот аналитично и покомплексно. Па затоа ги гледаме и овие млади луѓе во нивната апатија, бунило, немоќ да направат нешто за да се прекрши овој синџир.
Гледаме ликови, поточно луѓе кои се, за жал, инструменти на насилството кое се пренесува одамна, од година во година, од еден на друг, како модус за опстојување, за доминација, за одбрана.
Овие пет луѓе се борат, тие се на раскрсница меѓу потребите, желбите на секој млад човек и тој неуништлив круг на конфликти, случки, насилници, корупција и последици.