Приоритет во реформите има основното образование, формирани се работни групи, а новата концепција на основно образование од прво до деветто одделение очекувам да стартува од учебната 2021/2022, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска.
– Пред да ја почнеме реформата направивме истражување во кое се вклучија околу 5.000 наставници и укажаа дека наставните програми треба да содржат промена којашто ќе го отсликува секојдневното живеење. Тоа укажува дека она што се учи во училиште учениците не го поврзуваат со секојдневното живеење, што е тенденција во цел свет. Затоа нашите ученици на ПИСА или на ПИРЛС имаат пониски резултати, затоа што знаењето не е врзано во контекст, рече Царовска во денешното гостување во емисијата „24 Анализа” на Телевизија 24.
Царовска најави дека новата концепција на основно образование прво ќе биде воведена од прво до петто одделение а потоа сукцесивно ќе се воведува во погорните одделенија.
Во подготовка е и нов закон за учебници затоа што сегашниот закон ниту е современ, ниту ги отсликува потребите, што е вториот дел од реформата и се однесува на наставните материјали од кои се учи, кои треба да бидат динамички, да бидат создавани од наставниот кадар, со цел да добиеме висококвалитетна содржина за учење.
– Изгледа амбициозно, но ако се сака, ако сите се вклучат во реформата, ќе стигнеме до подобри резултати. Во реформата сега се вклучени наставници од факултетите, МАНУ е вклучена, но и наставниците од училиштата, затоа што сакаат да видат дека постигнуваме резултати и на домашни и на меѓународни тестирања. Со ентузијазам и со посветена работа и координација, реформата ќе биде успешна, нагласи Царовска.