Бесплатни КОВИД тестови за сите странски државјани кои треба да го продолжат престојот во земјава, а се сместени во домашните хотели, како и итни протоколи за дејствување доколку некој од нив е корона-позитивен, бара Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.
Соред Здружението, на туристичкиот сектор во овој момент му е неопходно брзо делување со системска поддршка од државата – веднаш да се почне со промоција на туристичката понуда и да се скратат административните бариери посебно за земјите од кои традиционално имаме гости.
Како што беше речено денеска на прес-конференција, не смееме да го пропуштиме моментот да се позиционираме како атрактивна туристичка дестинација особено ако се земе предвид дека голем дел од туристите веќе бараат замена на подалечните со поблиски места, до кои се лета пократко, не повеќе од два до три часа.
-Во отсуство и неможност за користење вообичаени маркетинг активности, бесплатните КОВИД-тестови треба да послужат како промоција, поттик и олеснување на бизнис или туристичката посета во нашата држава. Воедно ќе помогнат за поголема контрола и увид во ширењето на вирусот, со што приоритет останува заштитата на јавното здравје. Сметаме дека со нив ќе му се помогне на бизнис секторот, посебно на странските компании кои работат во државава, но и директно ќе се помогне на туристичко-угостителскиот сектор за долгорочно да ја адаптира својата понуда за оперирање во услови на пандемија и со тоа да ја зголеми својата економска активност, рече заменик-претседателот на Здружението на угостителството и туризмот, Александар Кузмановски.
Тој укажа и на потребата од итно изготвување и објавување стандардизирани информации, со редовна обнова (update) на јасни и недвосмислени правила за влез и излез од државава, како и пропишани мерки во време на пандемија кои ќе се однесуваат на сите што доаѓаат и престојуваат во земјава. Информациите, напомена Кузмановски, треба да бидат објавени веднаш, на неколку светски јазици, на официјалните страници на министерствата за надворешни и за внатрешни работи и на сите релевантни државни институции, преку мрежата на економската дипломатија, како и на веб страниците на македонските амбасади низ светот.
-Во овој момент е неопходно државата да инвестира во туризмот заедно со секторот, со фирмите, со агенциите и хотелиерите, процесот да почне што поскоро зашто само така можеме да очекуваме резултати во 2021 година. Туризмот може да ги повлече и останатите гранки – земјоделство и други, а така ќе се придвижи и стопанството. Мора да инвестираме во земјите од кои традиционално имаме туристи зашто нив најлесно ќе ги убедиме да ги возобноват програмите, а и државата да им го отвори патот, да ги скрати административните бариери и да го надогради моделот за помош, истакна заменик претседатели на Здружението на угостителството и туризмот, Асим Меџедовиќ.
Претседателот на Асоцијацијата НАИТМ, пак, Влатко Сулев, некои земји, како Словенија, веќе почнаа со промоција на своите туристички потенцијали. По објавувањето на вакцината има големо раздвижување во секторот, дополни Сулев, нагласувајќи дека во светски рамки веќе има јасни сигнали за подобрување на секторот и ние тоа треба да го искористиме.
-Да не го пропуштиме моментот да се позиционираме, голем дел од дестинациите веќе бараат замена на подалечните, ќе сакаат да летаат пократко, не повеќе од два до три часа што ни дава шанса да се позиционираме како дестианција. Мора сериозно да пристапиме кон промоција, да се поставиме на пазарот што е можно побрзо, тоа ќе биде клучно за 2021 година. Словенците веќе работат на промоција на туристичката понуда – организираат три работлиници до крајот на 2020-ра. Да го следиме нивниот пример, рече Сулев.
Претседателката на Здружението на угостителството и туризмот, Ана Таневска Ѓорѓиевска го повтори апелот од минатата недела – дека хотелиерите имаат проблем со примена на мерката за поддршката за платите поради што бараат законски измени. Барањето е доставено до надлежните институции, се очекува да биде разгледано и да им се излезе во пресрет на деловните субјекти од секторот туризам и угостителство.
-Голем број хотели во државата ќе бидат принудени времено да ги затворат своите објекти, а вработените да ги пријават како невработени ако не се направат измени во Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од корона кризата во делот на платите за октомври, ноември и декември 2020, потенцира Таневска Ѓорѓиевска.
Здружението на угостителството и туризмот ја поздрави одлуката на Владата за реализирање на моделот економска дипломатија.