Aкцелераторот УКИМ со поддршка до 100.000 евра за старт ап компаниите

До 100.000 евра финансиска поддршка ќе дава Бизнис Акцелераторот УКИМ на брзорастечки старт ап компании со развиен продукт и ќе им овозможи пристап до нови пазари. Бизнис Акцелераторот УКИМ (БАУ) ја лансира новата инвестициска програма за поддршка на старт-ап компании со висок потенцијал за раст и комерцијализација.

-Ги повикуваме иновативни стартапи и бизниси во рана фаза, со значителен потенцијал за раст, да аплицираат за финансирање / инвестирање на нашиот повик за поддршка и заедно да растеме. Вкупната поддршка што ја обезбедивме е половина милион евра, но секоја старт-ап компанија може да аплицира за инвестиција до 100.000 евра. Обезбедуваме поддршка со пари, со знаење од стручната јавност – професорите и ментори, како и поддршка за отворање нови пазари. Едноставно, забрзувањето што го обезбедуваме во соработка со нашите ко-основачи, со меѓународната мрежа на ментори и институционални партнери, ќе овозможи успешно да се забрза и зголеми бизнисот, пенетрацијата на пазарот и растот на приходите за оние што ќе добијат поддршка, вели Александар Стамболиев, извршен директор на БАУ.

Овој акцелератор е отворен за инвестиции во која било старт ап компанија или компанија во рана фаза, која поседува иновативни производи и / или услуги, без оглед дали се работи за B2B или B2C. Таргет се сектори со висок раст, вклучително и високотехнолошки системи со експлоатација big data, data science, паметни околини, ИКТ, фина технологија, мобилни апликации, AI / VR, агротехника, здравствена технологија, зелена / чиста технологија, паметни решенија за автомобилската индустрија.  БАУ, исто така, цели на напредни проекти за истражување и развој со голем и брз потенцијал за комерцијализација.

Од БАУ информираат дека, според истражувањата, главна причина за пропаст на повеќе од 42 отсто од старт ап фирмите (истражување на CB Insights) е тоа што не нудат производ или услуга која е потребна на пазарот. Второ, причина за неуспехот е немањето финансиска поддршка.

-Ова укажува на фактот дека иноваторите, односно основачите на старт-ап компаниите се лудо заљубени во своите идеи и толку многу сигурни во нивната применливост, што забораваат да ја направат најважната работа при почнување на еден бизнис: да го истражат пазарот, да се детектираат потребите на потенцијалните клиенти и потоа, да поминат кон реализација на идејата. Дополнително, не секогаш иноваторите се консултираат со стручни лица (ментори) кои би ги воделе низ целиот процес, со совети базирани на нивното претходно искуство во слична проблематика. Бизнис конекциите во локалните пазари се есенцијални за да се најде пласман за производот. БАУ како акцелератор има визија да одговори на овие предизвици и да помогне старт ап фирмите да прераснат во сериозни бизниси со профит за основачите и за инвеститорите, наведуваат од БАУ.

Затоа, дополнуават, поддршката е наменета за старт-ап компании регистрирани во Централниот регистар на Република Северна Македонија во согласност со Законот за трговски друштва и Законот за иновативна дејност во Македонија. Старт-ап компаниите мора да бидат во македонска сопственост.

Секоја компанија која сака да аплицира за поддршка тоа може да го стори на следниот линк: https://www.f6s.com/accelerator-ukim-investment/.

Треба да знаете
Последни објави