Министерките за образование и наука и за труд и социјална политика, Мила Царовска и Јагода Шахпаска, и претставникот на Делегацијата на ЕУ Никола Бертолини, одржаа онлајн-состанок на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика.
МОН соопшти дека на денешната средба, во рамки на редовниот дијалог, се дискутираше за приоритетите, координацијата и имплементацијата на политиките за конкурентност и инклузивен раст во трите сектори, преку програмите финансирани од претпристапната помош.
– Министерката Царовска посочи дека обезбедувањето сеопфатно, инклузивно и интегрирано модерно образование е стратешка цел на Министерството за образование и наука и на Владата, за што во тек се темелни реформи во основното и средното образование. Во фокусот на реформите насочени кон квалитетно образование се учениците, а исто така и наставниците, информира МОН.
Тематски приоритети за кои се разговараше беа и зголемувањето на нивото на вработувања, како и квалитетот на работните места и продуктивноста, но и намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост.
– Исто така, на средбата се разговараше за индикаторите за проектот „Интеграција на Ромите 2020″, чија цел е да придонесе за намалување на социоекономскиот јаз и зголемување на интеграција на Ромите во тековните развојни политики, наведува Министерството за образование и наука.
Секторската работна група ја координираат Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика и во неа членуваат претставници од институциите задолжени за креирање на секторските политики и стратегии, европските интеграции и ИПА, како и граѓански организации, меѓународни партнери и донатори.