Поставени се 42 патокази на планинарските патеки на Водно, 12 патокази на велосипедската патека на Скопска Црна Гора, шест информативни табли на Водно (на патеките Словенска патека, Средно Водно, Македонско село – Г. Нерези, Матка (кајакарски мост), Врв Водно, Горно Соње), како и две информативни табли на планинско велосипедската патека (манастир. Св. Никита и манастир Св. Илија), информираа од Федерацијата за планинарство на Македонија.
Патоказите и информативни табли со основни информации за патеките на Водно, како и велосипедската патека на Скопска Црна Гора, Федерацијата за планинарство на Македонија ги постави преку Програмата за развој и соработка од Република Чешка во рамки на пилот проект за означување на планинарски патеки на планината Водно и една планинско велосипедска патека на Скопска Црна Гора.
– На овој начин сите посетители, спортисти, рекреативци ќе имаат основни информации за името на патеката, нејзината должина, и висинскиот профил, со што ќе се олесни изборот на патеката по која ќе може да се рекреираат во согласност со нивната психофизичка состојба, истакнаа од Федерацијата за планинарство на РСМ.
Информации за сите патеки со графички записи може да се најдет на веб страната на Комисијата за планинарски патеки при ФПСМ www.planinarskipateki.mk.