Секоја глупост бара алиби, а ставот на бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, поврзан со прославата на 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје и Јосип Броз Тито не е ништо друго, освен глупост. Обидувајќи се да ја спаси позицијата на Бугарија, која мислам дека повеќе ѝ наштетува на Бугарија отколку на Северна Македонија, се обидува да ги измести тезите, изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов во интервју за бугарската ТВ Европа.
„Изместувањето на тезите е всушност барање алиби за секоја глупост , а ставот на Захариева не е ништо друго, освен глупост. Обидувајќи се да ја спаси позицијата на Бугарија, која мислам дека повеќе ѝ наштетува на Бугарија отколку на Северна Македонија, се обидува да ги измести тезите. Она што се случи во Скопје на 13, односно 14 ноември е изложба од Белгија со поставка за Тито и ништо повеќе. Сега, барајќи алиби за сопствената глупост се изместуваат тезите и се прават обиди да се објаснат необјаснивите позиции на Бугарија за почеток на преговорите на северна Македонија со ЕУ“, изјави Шилегов.
На прашањето за коментар дека во ослободувањето на Скопје учествувале и бугарски војски, односно Првата бугарска армија, Шилегов вели дека Скопје го ослободиле партизански единици на НОВ, придружувани од дел од трансформираната бугарска окупациска војска.
„Она што се случило во ‘41 година е окупација на Македонија од царската бугарска војска која во ‘44 заради сплет на околности се трансформирала во ‘отечествен фронт‘. Тоа се работи кои де факто се случилео и не треба да мижиме пред тоа, но да се зборува дека окупаторите кои се трансформираа во ‘отечествен фронт‘ го ослободиле Скопје е непринципиелна позиција, тие биле затекнати тука како окупциски војска и ја следеле глобалната политика на Бугарија во тој период. Треба да се погледне малку поинаку сопствената позиција. Не може да се избегне дека Бугарија била колаборатор со фашистичка Германија“, одговара Шилегов.
Тоа, според водителот, е историски факт, но неговото прашање е како изгледа бугарската позиција да не биде третирана како окупатор туку како бугарска администрација во тогашна Македонија.
„Мојот град загубил 5.000 жители за време на администрирањето. Од нив 950 во борби со администраторите, како што ги нарекувате, а останатите се цивилно население. За нијанса да бидеме покоректни како народи за да може шансата која си ја имаме дадено со Договорот да ја искористиме во најповолна смисла. Во моментов за жал има враќање на позициите на Бугарија назад кои за мене се неразбирливи. Треба многу внимателно да зборуваме. Замислете во кампања ние да користиме антибугарски позиции“, вели Шилегов.