Буџетот на Министерството за економија за 2021 година е предвидено да изнесува 826 милиони денари од кои 130 милиони денари се предвидени за плати и надоместоци на вработените, 167 милиони денари се наменети за капитални расходи, а 190 милиони денари за субвенции, информира денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Како што истакна на денешната прес-конференција во Владата, во 2021 година е предвидено да се реализираат сите програми и мерки на Министерството за што се предвидени 47 милиони денари за програмата за енергетска ефикасност, 13 милиони за за субвенции за приватни претпријатија, 50 милиони за поддршка на претприемништвото, 13 милиони денари за субвенции за вградување на уред на погон на ТНГ метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата, 140 милиони за изградба на гасоводната мрежа, а ќе продолжи и поддршката за домашниот туризам.
-За разлика од годинава кога целиот наш Буџет го насочивме кон поддршка на најпогодените сектори во економијата, но и најпогодените граѓани од пандемијата со Ковид-19 во следната 2021 година се очекува опоравување на целиот свет од кризата предизвикана од пандемијата, а такви се и нашите проекции. Нашите очекувања се дека со Буџетот за 2021 година ќе се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија со цел продолжување со позитивните трендови на македонската економија, рече Бектеши.
Тој нагласи дека главни приоритети на Министерството за економија се создавање на услови за развој на индустријата, развивање на претприемништвото, креирање и интеграција на единствен пазар во ЕУ, обезбедување енергетска стабилност и сигурност, истражување, експлоатација и одржливо искористување на минералните суровини, како и развој на туризмот со подобрување на стандардите на туристичката понуда.
-Економското заздравување од Ковид-19 ќе се спроведе преку мерки за заштита на здравјето на граѓаните и социјалната заштита на најзагрозените категории, како и поддршка на економијата, приватниот сектор и заштита на работните места. Истовремено ќе се работи и на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, на зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири. Ќе се дејствува во насока на подобрување на деловното опкружување и сузбивање на сивата економија, на подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите. Во оваа насока ќе работи и Министерството за економија во 2021 година, посочи Бектеши.
За дел од субвенциите кои што беа предвидени во програмите за 2020 година, нагласи, поради пандемијата и економската криза, не беа објавени јавни повици за дел од мерките, но во 2021 година е предвидено да се реализираат сите програми и мерки за што се предвидени дополнителни средства.
-Во програмата за енергетска ефикасност за 2021 година предвидени се субвенции за граѓаните во вкупна вредност од 47 милиони денари. Тука пред се спаѓаат субвенции за купени и вградени сончеви термални колекторски системи, замена за ПВЦ или алуминиумски прозорци, за купување на печки на пелети, и за надоместување за инсталирање на фотонапонски системи за производство на електрична енергија, рече Бектеши.
Тој посочи дека во делот на активности за финансиска поддршка на туризмот во 2021 година фокусот на Министерството ќе биде поддршка на домашниот туризам идодаде дека продолжуваат субвенциите за поддршка на туристички цели на селски домаќинства, за поддршка на активен туризам, за дигитализација на туристичкиот сектор и за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи.
-Следната 2021 година тројно е зголемен буџетот на Министерството за економија за субвенции за приватни претпријатија за што се предвидени 13 милиони денари и тоа за имплементација на активности за паметна специјализација, поддршка на фирми од преработувачка индустрија, поддршка и проширување на акредитација на лабаратории за испитување на градежни производи и други активности, истакна Бектеши..
За следната година, како што кажа, предвиден е повеќе од двојно поголем буџет за поддршка на претприемништвото.
-За тоа се предвидени вкупно 50 милиони денари, додека во 2020 година за оваа намена беа предвидени 20,3 милиони денари, рече Бектеши и посочи дека во 2021 година ќе биде обезбедена финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија, женско претприемништво, подобрување на вредностите синџири, сертификација на системи за квалитет, сертификација на ХАЛАЛ систем, како и поддршка на занаетчии.
Во 2021 година во Буџетот на Министерството за економија, додаде, се предвидени 13 милиони денари за субвенции за вградување на уред на погон на ТНГ метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата која и поради големиот интерес, како што рече, во текот наминатата година не можеше дабиде субвенцинирана поради пандемијата..
-Ова е неколкукратно зголемување на финансиската поддршка за оваа мерка ако се земе во предвид дека за 2020 година за субвенции за вградување на плин во возилата беа предвидени само 2,3 милиони денари. За следната година е предвидено зголемување на средствата во Буџетот во делот на гасификацијата, односно за реализација на капилатни инвесстиции. Во Буџетот на Министерството за изградба на гасоводната мрежа се предвидени 140 милиони денари, средства кои што АД НЕР планира да ги обезбеди преку емисија на хартии од вредност по пат на приватна понуда, рече Бектеши.
Со Буџетот на Министерството за економија за 2021 година, потенцира ресорниот министер, се обезбедува поддршка и развој на малите и средни претпријатија, подобрување на деловната клима и зголемување на конкурентноста, либерализиран трговски режим и создавање на соодветна регулаторна рамка во согласност со ЕУ стандардите и барањата на СТО, поддршка и развој на енергетиката, туризмот и угостителството, либерализација на пазарот на електрична енергија и раст на инвестициите во енергетскиот сектор, како и зголемување на користење на природен гас и искористување на сончева енергија во домаќинствата.