Планинар се вратил од мртвите откако срцето престанало да му чука 45 минути

Мајкл Напински, кој се изгубил поради смрзнување во американскиот Национален парк Маунт Рејнер, се вратил во живот откако срцето престанало да му работи и не чукало 45 минути.

45-годишникот од Вудвинвил одел на планинска прошетка со еден пријател на 7 ноември, но во еден момент решиле да се разделат. Пријателот почнал да скија по удолницата, додека Напински продолжил да пешачи. Тие се договориле да се сретнат во подножјето.

„ Бев прилично близу до крајот на патеката кога временските услови се влошија и во еден момент не можев да видам ништо. Не сум сигурен што се случи потоа. Мислам дека паднав “, се присетува Напински за „Сиетл Тајмс“.

Кога не пристигнал на договореното место, неговиот пријател ги известил ренџерите кои започнале со потрагата. Поради лошите временски услови, хеликоптерот не можел да полета веднаш. Сепак, спасувачката екипа во хеликоптерот по некое време успеала да полета и конечно да го пронајде по еден час. Тој пристигнал во болница во бесознание, но имал пулс. Наскоро, сепак, тој доживеал акутен срцев удар.

„ Умре додека беше во ургентниот центар, поради што бевме во единствена ситуација да примениме сè што ни стои на располагање за да се обидеме да му го спасиме животот“, рече д-р Џанел Бадулак.

Тој беше медицински мртов уште 45 минути, за тоа време медицинскиот тим се обидувал со кардиопулмонална реанимација и го прикачиле на специјална машина што дозволува крв да се испумпува од телото во неа, каде што се отстранува јаглерод диоксид и се збогатува со кислород и потоа се враќа во телото.

За чудо, неговото срце повторно почнало да чука, а здравствената екипа цела ноќ ја поминала покрај него во обид да го стабилизира.

Два дена подоцна, Напински ги отворил очите. Иако тој сè уште се опоравува бидејќи бубрезите не му функционираат правилно, срцето сè уште се бори да циркулира крв низ телото и има смрзнатини, лекарите сметаат дека тој целосно ќе закрепне.

„ Тој се врати од мртвите. Можеби не е најточно медицински да се каже, но неговото срце не чукаше 45 минути. Едноставно е неверојатно “, рече раководителот на одделот за интензивна нега, д-р Саман Арбаби.

Иако екстремниот студ може да биде многу опасен, може да има и заштитен ефект врз организмот во специфични услови, објаснува Филип Роксби, здравствен експерт на BBC.

Ако срцето престане да чука подолго време на нормална телесна температура, шансите за преживување поради оштетување на мозокот се многу мали. Меѓутоа, при ниски температури, мозокот и остатокот од телото можат да бидат заштитени од студот, што ги спречува да се расипат.

Иако се многу ретки, постојат слични запишани примери на луѓе кои успеале да се вратат во живот дури и по неколку часа.

Треба да знаете
Последни објави