Азербејџанскиот претседател, Илхам Алиев, соопшти дека областите на Нагорно Карабах – Агдам, Келбаџар и Лажин, во следните денови ќе му бидат предадени на Баку.
Алиев оваа изјава ја даде за време на неговата вчерашна посета на областите Физули и Џабраил, кои Ерменија веќе му ги предаде на Баку, пренесува Тасс.
Рускиот претседател Владимир Путин, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинијан на 9 ноември потпишаа договор за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах, што во сила влезе на 10 ноември. Договорот предвидува Азербејџан и Ерменија да останат на сегашните позиции и во регионот да се распоредат руски мировни сили. Покрај тоа, Баку и Ереван мораат да разменат затвореници и тела на убиените во конфликтот.
Ерменија и Азербејџан со децении се во спор околу територијата на Нагорно-Карабах, која е населена со Ерменци и која во советскиот период била припоена кон Азербејџан.