Американскиот онлајн ритејлер Амазон денeска стартуваше сo сопствена интернет-аптека „Amazon Pharmacy“, од каде може да се порачуваат лекови на рецепт.
Новиот сервис можe да стане сериозен конкурент на обичните ланци на аптеки и фармации во САД поради уривање на цените, уште повеќе поради тоа што потписниците на „Амазон прајм” ќе можат да порачуваат со бесплатна достава и други разни попусти.
Во САД, во услови на пандемија, порачката на прехранбени продукти и лекови онлајн со достава на домашна адреса, станува мошне популарна.
Сервисот на Амазон стартува неделава во 45 сојузни држави, а потоа ќе стане достапен насекаде низ САД. За купување на лекови на рецепт корисниците треба да приложат рецепт што може да биде испратен од лекарот, или корисникот може да побара пренос на рецептот во аптеката на Амазон од која било друга обична аптека каде тој бил претходно испратен. Сепак, некои лекови чие тргување во САД е построго, не можат да бидат купени во „Amazon Pharmacy“, како на пример многу опијати.
Онлајн гигантот и претходно се обидуваше да влезе на фармацевскиот пазар на САД, чиј обем изнесува 300 милијарди долари годишно. Така, во 2018 година компанијата ја откупи онлајн аптеката „Пилпак”, која изработува лекови на рецептура за пациенти со хронични заболувања.
По стартувањето на „Amazon Pharmacy“, падна вредноста на акциите на многу аптеки ии фармации. Така, вредноста на акциите на најголемиот ланец на аптеки во САД, „Walgreens Boots Alliance“, се намали за девет отсто, кај „CVS Health” за 7.3 отсто, а кај „Rite Aid” за 14, додека пак цената на акциите на Aмазон денеска порасна за еден процент.