Бугарија со вмешување на Хитлер, Сталин и Тито става „историски багаж” на масата на ЕУ

Бриселскиот веб сајт „ЕУ Обзервер” денеска објави напис во врска со бугарското вето кон официјалниот почеток на преговори со Северна Македонија, оценувајќи дека Бугарија носи „историски багаж” на масата на ЕУ.

-Требаше да биде техникалија, но се претвори во ново фијаско на процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан, вмешувајќи ги во тоа Хитлер, Сталин и Тито. Денешните разговори ќе се соочат со ново бугарско вето, што го базираат, како што кажа еден висок ЕУ дипломат, врз овој „историски багаж”, пишува „ЕУ Обзервер”.

Потсетува дека 27-те министри за надворешни работи на ЕУ, кои ќе се состанат преку видео врска денеска и под германското претседателство со ЕУ, требаше да дадат знак за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија.

-Тоа требаше да се случи по долгото одложување поради грчкото вето кое заврши во 2018 година, кога Скопје го смени името на својата земја за да ја задоволи Атина. Тоа требаше да се случи по француското вето во 2019 година, кога земјите од ЕУ го сменија начинот на проширување за да го задоволат Париз. Наместо тоа, ќе има ново бугарско вето базирано на историски багаж, пишува „ЕУ Обзервер”.

Натаму наведува дека багажот ги вклучува бугарските барања учебниците по историја на Северна Македонија да ги отфрлат тврдењата за македонскиот идентитет на некои историски личности и за небугарското потекло на нејзиниот јазик. Бугарија, исто така, сака во учебниците да престане да пишува дека е виновна за фашистичката окупација на Северна Македонија во Втората светска војна, иако таа ја окупира, како една од државите од оската на Хитлер.

Исто така, Софија бара во учебниците да пишува дека поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито бил послушник на советскиот лидер Јосиф Сталин, иако Тито се раздели со Сталин во 1948 година за да ја заштити автономијата на Југославија. Овие несогласувања, додава „ЕУ Обзервер” требаше да ги реши заедничката комисија од историчари, во согласност со Договорот за „пријателство” меѓу Скопје и Софија. Но, сега, Бугарија сака тие да бидат впишани во Преговарачката рамка за Северна Македонија.

-Тековната нацрт-рамка преговарачка рамка за Република Северна Македонија не ги одразува нашите грижи и не можеме да ја одобриме како што е во моментот, соопшти вчера бугарското Министерство за надворешни работи за „ЕУ Обсервер”. Во изјавата на бугарското МНР се додава дека нивните барања се целосно во согласност со принципот на добрососедски односи и се целосно легитимни.

Оттаму за веб сајтот велат дека сега е време Република Северна Македонија да демонстрира вистинска политичка волја и да ги прифати европските вредности. Но, коментира „ЕУ Обзервер”, има мал апетит меѓу колегите на Бугарија во ЕУ за промена на текстот на нацрт-рамката кој беше договорен во март.

-Станува збор за методологија. Ова (проширувањето) не е инструмент за решавање на билатералните спорови. Оваа (рамка за преговори) има потреба од едногласност, но и да биде договорена со земјата што треба да влезе во процесот на проширување, вели висок дипломат на ЕУ.

А во Северна Македонија има малку разбирање за тоа.

-Барањата на Бугарија од изминатата година го надминуваат опсегот на договорот од 2017, тие влијаат врз идентитетските прашања, што не е прифатливо за нас, рече вчера претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски за „ЕУ Обзервер”.

Пендаровски за веб сајтот истакнал дека Договорот од 2017 година имало за цел „да ги оддели историските од политичките прашања”. – Ова овозможува разликите во однос на историјата да бидат предмет на академска дискусија, а не дијалог меѓу земјите, рече тој.

Часовникот отчукува

Дебатата, без оглед дали станува збор за методологијата на ЕУ или за Тито, нема да се одржи денеска. Ветото на Бугарија ќе биде „куса точка” на набиената агенда, што ќе се занимава и со буџетот на ЕУ, климатските промени и тероризмот, предвидува дипломатот на ЕУ. А Германија, заедно со Европската комисија, ќе се обиде да ги урне оградите меѓу Софија и Скопје преку други формати.

-Ова не е крај. Дискусиите ќе продолжат, посочува бугарското Министерство за надворешни работи.

Но, допломатот на ЕУ додава дека „не останува уште многу време” за успех оваа година, пред Германија, највлијателната европска земја, да ѝ ја предаде диригентската палка на претседателството на ЕУ на Португалија на 1 јануари. Додека пак, ограничувањата на патувањето во пандемијата ја отежнуваат и меѓународната дипломатија.

А, во меѓувреме, анти-ЕУ силите во Западен Балкан, без разлика дали се националистите во Северна Македонија или руската пропаганда што им дава поддршка, можат да го искористат фијаското во Бугарија за да напредуваат, додава „ЕУ Обзервер”.

-Ова е Европа. Луѓето овде веруваат во европските вредности, ја поддржуваат европската интеграција. Но „недостатокот на напредок во интеграцијата во ЕУ може да има штетно влијание врз реформскиот процес и индиректен ефект врз [верувањето во] европските вредности”, додаде претседателот Пендаровски за веб сајтот.

Агендата на Борисов

Од своја страна, пишува натаму „ЕУ Обзервер”, некои извори во Скопје веруваат дека бугарското вето е популистичка каскада да му помогне на премиерот Бојко Борисов да биде реизбран на пролет.

Некои дури сметаат дека тоа може да биде поврзано со руското влијание во Софија.

-Не можам да коментирам дали Бугарија има некоја друга агенда. Но, јас цврсто верувам дека е во интерес на Бугарија, како и во интерес на ЕУ, набрзо да ги реши отворените прашања, рече Пендаровски за овој веб-сајт.

Тој за „ЕУ Обзервер” додава дека тоа ќе ни овозможи да се фокусираме на најголемиот приоритет на луѓето во регионот – стабилност, подобар животен стандард, особено во време кога, како што рече, поради пандемијата Ковид-19, видовме дека солидарноста и соработката (во Европа), немаат алтернатива. 

Треба да знаете
Последни објави