Пакистанските исламисти денеска објавија дека се откажани најавените радикални протести против објавувањето карикатури на пророкот Мухамед во Франција, затоа што пакистанската Влада се согласи да го поддржи бојкотот на француските производи.
Поради објавување на карикатури на пророкот Мухамед во Франција илјадници револтирани демонстранти вчера излегоа на улиците на пакистанскиот главен град Исламабад и се судрија со полицијата.
– Ги откажуваме најавените протести затоа што пакистанската Влада потпиша дека се согласува официјално да го поддржи бојкотот на француската стока, изјави Ејаз Ашрафи, претставник на ултрадесничарската, конзервативна исламистичка партија Техрик-и-Лабаик.
Владата сè уште не потврдила таква согласност, но некои светски агенции кои имале увид во копија од документот потврдија дека е потпишан од двајца пакистански министри.
Ашрафи изјави дека документот предвидува во рок од два до три месеци да се спроведе парламентарна постапка за протерување на францускиот амбасадор од Пакистан и повлекување на пакистанскиот амбасадор од Франција.