Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека продолжувањето на дијалогот меѓу Русија и Германија ќе биде во интерес на Европа.
Тој рече дека Русија е искрено заинтересирана за тоа, бидејќи трга од претпоставката дека може да се надмине периодот на затегнатост во билатералните односи меѓу Москва и Берлин.
Оценувајќи дека односите меѓу Русија и ЕУ континуирано се деградираат во последните неколку години, Лавров посочи дека за тоа не е виновна Русија и предупреди дека европската политика придонела за создавање нови поделби.
Според шефот на руската дипломатија, ЕУ „поддржа неуставен државен удар во Украина, воведе еднострани санкции за Русија и уништи комплетен, сложен систем на дијалог меѓу Русија и ЕУ”.
– Постојаните обвинувања, ултиматуми и закани кон Русија станаа рутински инструменти на германската надворешна политика. Актуелната тензија скапо ги чинеше европските нации чија безбедност стана заложник на политичката себичност. Ние сепак сме уверени дека е зачувана можноста за воспоставување архитектура на мирот, рече Лавров.
Лавров потсети дека и Русија и Европа се соочуваат со исти предизвици и закани – од тероризам, ширење на оружје за масовно уништување и пандемијата на коронавирусот, и оти за сето ова се потребни заеднички напори на Русија и ЕУ.
– Русија, од своја страна, секогаш е подготвена за искрена, еднаква соработка и е посветена на воспоставување рамнотежа на интересите, заклучи рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.