Британскиот премиер Борис Џонсон денеска ги предупреди своите министри дека договорот со Европска Унија за трговијата е далеку од сигурен.
– Напорно работиме за да најдеме решенија кои целосно ќе го почитуваат британскиот суверенитет, но далеку е од сигурно дека договорот ќе биде можен и времето е многу кратко, посочи Џонсон.
Тој изрази уверување дека Велика Британија ќе напредува дури и ако неговите преговарачи не успеат да постигнат договор.
Има нешто помалку од шестнедели пред истекот на транзицискиот период, а двете страни меѓусебно се повикуваат да ги сменат ставовите со цел да се постигне договор што ќе ја регулира трговијата помеѓу Велика Британија и ЕУ, која е во вредност од речиси еден трилион американски долари годишно.
Двете стани истакнуваат дека е постигнат напредок, но не е јасно дали се подготвени на отспаки. Несогласувања сè уште постојат кога станува збор за гаранции за фер конкуренција и за риболовот.
Џонсон на средбата со министрите истакна оти не е променета неговата позиција, дека сака договор, но не „по цена на основните начела што се однесуваат на суверенитетот и контролата над законите, границите, парите и рибите”.