Истрагата за терористичкиот напад од 2 ноември во центарот на Виена се повеќе укажува на тоа дека терористот Кујтим Фејзулај бил дел од меѓународна исламистичка мрежа, а централна улога во оваа мрежа имал германски државјанин, осуден во Хамбург во 2017 година како странски терористички борец, и кој до средината на октомври живеел во Виена.
По пресудата овој германски државјанин важел за „голема риба” во салафистичките кругови, а германските служби го окарактеризирале како лидер на радикалната исламистичка мрежа.
По пресудата од 2017 година, тој се преселил во Виена, каде оддржувал контакти со австриската исламистичка сцена. Ја посетувал и џамијата во која често престојувал и виенскиот терорист Фејзулај, кој на 2 ноември во терористичкиот напад уби четири и рани над 20 лица.
Австриската полиција претпоставува дека Германецот и Фејзулај летово лично се запознале. Докажано е дека Германецот имал контакти и со двајца пријатели и познаници на Фејзулај во Германија и уште двајца во Швајцарија.
Германскиот државјанин на 13 октомври бил уапсен и депортиран во Германија врз основа на забрана за престој, а оттогаш оддржувал контакти со виенските познаници преку социјалните мрежи.