Европска комисија соопшти дека и покрај блокадата од Унгарија и Полска работи на процесите и одлуките неопходни за усвојување на повеќегодишниот буџет на Европската Унија, како што е планирано, до 1 јануари 2021 година.
– Нашиот фокус не е сега да разгледуваме нови временски рамки за распределба на буџетските средства, туку да осигураме да се постигне договор за буџетот, изјави портпаролката на ЕК, Ерика Милер.
Во ЕК истакнуваат дека усвојувањето на договорениот буџет и фондот за заздравување подразбира договор во Советот на ЕУ, а потоа и потврда во ЕК.
– Процесите траат, а ние работиме на тоа да се донесат одлуките што мора да бидат донесени, како повеќегодишниот заеднички буџет да биде усвоен до 1 јануари 2021 година, истакна Милер.
Земјите-членки на ЕУ во јули се договорија за буџетот, за Фондот за заздравување и владеење на правото како услов за распределба на средствата. Во моментот 25 земји-членки се придржуваат до договорот, додека две – Унгарија и Полска, според ЕК имаат „свои позиции”.