Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва во спортската сала „Боро Чурлевски” во Битола не успеаја да го совладаат Кадетен Шафхаузен од Швајцарија,(25:25, полувреме 16:10) иако во поголемиот дел ја имаа контролата над играта ирезултатот.
Битолчани добро го почнаа натпреварот во рамки на 3. коло од групата „Д” на ракометната Лига Европа, постојано беа во водство, во еден момент имаа предност од седум голови разлика, а полувремето го завршија со предност од 16:10.
Во второто полувреме гостите од Швајцарија направија целосен пресврт, во 54. минута од натпреварот поведоа со 24:23, а гостинскиот голман Пилиповиќ беше несовладлив со девет интервенции.
На средбата што заврши со поделба на бодовите, најдобар поединец беше гостинскиот ракометар Шелкер со седум постигнати голови, а во тимот на Еурофарм Пелистер се истакна Мандалиниќ со шест голови.