Кујтим Фејзулаи, кој на 2 ноември во центарот на Виена уби четири и рани повеќе од 20 лица, сонувал за тоа да се разнесе со екплозивен појас и да убие што е можно повеќе лица, сведочат негови пријатели. Истрагата ја води посебна група наречена „2 Ноември“, а досега е утврдено дека Фејзулаи немал директни помагачи и сам го извршил нападот.
Досега биле уапсени 21 лице, кои на некој начин се поврзуваат со нападот, а во притвор се задржани само десетмина.
Според австриските медиуми, уапсените познаници на терористот со потекло од Челопек, во истрагата почнаа да наведуваат детали за неговите исламистички убедувања.
Еден од уапсените рекол дека Фејзуаи сакал да изврши напад со експлозив, но не навел детали како и каде би го извел истиот.
Неговиот долгогодишен пријател, кој се наоѓа во истражен затвор затоа што е осомничен за соучесништво, рекол дека Фејзулаи,работел во компанија која се занимавала со обезбедување на болници. Тој немал работен однос со болницата, туку со компанијата што ја презела работата за обезбедување на здравствената установа.
Тој понатаму посочил дека Фејзулаи, по раното пуштање на условна слобода во декември минатата година, имал долга брада и користел производи за раст на косата. Кога пријателот му кажал дека тој има мала брада, Фејзулаи му го препорачал препаратот, а потоа и му подарил едно пакување.
Инаку, мистеријата за тоа како стигнал до центарот на Виена најверојатно е решена, бидејќи сооред последните сознанија Фејзулаи наводно користел „Убер“ за да со неговото оружје стигне до местото на злосторството. Досега се сметаше дека убиецот одел пеш седум километри до центарот на Виена со спортска торба во која било оружјето, а нападот го извршил вечерта пред да почне карантинот.