Речиси девет од десет Грци се загрижени за ширењето лажни вести, 94 проценти ја проверуваат веродостојноста на веста што ја читаат, додека пак 67 отсто не веруваат дека вестите во грчките медиуми се целосно вистинити, се дел од резултатите од делот посветен на медиумите и слободата на изразување, во истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Капа research” за фондацијата „Фридрих Науман” за либерализмот во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
На прашањето „Колку сте загрижени за појавата на ширење лажни вести или дали сметате дека претставува проблем?”, 88 отсто одговориле позитивно, односно дека многу се загрижени за ширењето (49 проценти) или дека се прилично загрижени (39 отсто).
За 43 проценти од анкетираните, информативните сајтови и блоговите се основниот извор за нивно информирање, по што следат телевизиите (21 отсто), социјалните мрежи (17 проценти), весниците (9 отсто) и радијата (5 проценти).
Пред десет години, споредбено со истражувањето на истата агенција во 2010 година, за 41 отсто од анкетираните, телевизиите биле главниот извор.
Во однос на слободата на грчките медиуми, од анкетираните било побарано да дадат оценка од нула до десет, односно дали медиумите се целосно контролирани или постои апсолутна слобода и просечната оценка е 4, 09.
Само четири отсто од испитаниците одговориле дека медиумите во земјата не се под влијание на Владите.
Половина сметаат дека традиционално, грчките Влади имаат влијание врз медиумите, додека пак 44 отсто оцениле дека во изминатите години, споредбено со претходно, влијанието е во поголем степен.
Конкретно за актуелната Влада, 12 проценти сметаат дека не влијае врз медиумите, 43 отсто дека односите со медиумите не се разликуваат со оние на претходните Влади, а исто толкав процент од анкетираните рекле дека оваа Влада повеќе влијае врз медиумите, во споредба со претходните.
Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Капа research” за фондацијата „Фридрих Науман” било спроведено од 14 до 22 октомври и вклучени 1.214 лица со право на глас од 13 грчки периферии, кои одговарале на прашања поврзани со десет различни теми.