Дали и кога пратениците кои се во изолација или со Ковид-19 ќе можат да се вклучат во работата на Собранието се уште не се знае, имајќи предвид дека претседателот на законодавниот дом кој го поднесе предлогот за дополнување на Деловникот за работа на Парламентот се уште не го ставил на пленарна седница. Пратеничките групи се поделени во ставовите дали народните избраници онлајн треба да се вклучуваат во работата на Собранието и комисиите.
Се очекува денеска претседатеот на Собранието Талат Џафери да се сретне со координаторите на пратеничките групи и уште еднаш да разговара за можноста за прифаќање на овој предлог. Од Собранието за МИА наведуваат дека од понеделник почнува комисиската расправа за Буџетот и се скратуваат можностите за одржување други седници. Исто така од денешната комуникација меѓу пратеничките групи би требало да се знае кога ќе се продолжат веќе започнатите седници со заостанати точки на дневен ред.
Владејачкото мнозинство и опозицијата се поделени во мислењата дали треба да има или не можност за онлајн вклучување на пратеници на собраниска седница или на седници на комисиите. СДСМ и ДУИ се за предлого, додека пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива велат дека тоа е противуставно и дека зад нега треба да се задскрие и онака кревкото мнозинство во Парламентот.
За да се се донесе дополнувањето на Деловникот потребни се гласови на 61 пратеник, што во моментов мнозинството го нема, имајќи предвид дека шестмина пратеници поради здравствени причини не можат да уествуваат во работата на Собранието. Од опозицијата, пак, укажуваат дека и да ги има владејачкото мнозинство потребните гласови, не би требало „само” да носи дополнување на Деловникот посочувајќи дека досега тоа било правено најчесто со консензус.
Предлогот за дополнување на Деловникот за работа на Собранието, по скратена постапка, предвидува, меѓудругите, став којшто се однесува на првото и должноста на пратеникот да учествува во работата во Парламентот и во неговото одлучувањето без лично присуство на седница со употреба на безбедна информациско-комуникациска технологија.
Во член 30 од постојниот Деловник по ставот 1 се додаваат два нови става (2) и (3), коишто се однесуваат на здравствената состојба и како треба пратеникот да постапи.
„Доколку присуството на пратеник на седница на Собранието преставува ризик за здравјето на останатите пратеници, пратеникот е должен за тоа веднаш да го извести претседателот на Собранието и да го извести дека на седницата ќе учествува и одлучува од далечина. Пратеникот истовремено електронски му доставува на претседателот документ од надлежен орган со кој потврдува дека не може лично да присуствува на седница на Собранието”.
Во ваков случај, се предлага претседателот на Собранието да ги извести сите пратениците. Исто така Претседателот на Собранието ќе биде должен во евидентниот лист да го запишува пратеникот кој учествува и одлучува на седница од далечина, но и со решението за свикување седница до пратениците да достави известување за пратеникот кој на седницата ќе учествува и ќе одлучува од далечина. Тој ќе мора да пред да ја свика седницата да одржи координација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.
„При постоење на случај од членот 30 став (2) од овој деловник претседателот на Собранието пред да ја свика седницата одржува координација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи. На координацијата се повикуваат и претседателот на матичното работно тело и претседателот на Законодавно – правната комисија заради утврдување на потребата од одржување на седница на работното тело на која пратеникот ќе учествува и одлучува од далечина. Координацијата се одржува најдоцна еден ден пред денот на свикувањето на седницата на Собранието.”
За присутни пратеници на седницата, се предлага да се сметаат и пратениците кои известиле дека на седницата ќе учествуваат и одлучуваат со употреба на безбедна информациско – комуникациска технологија.
„Јавното гласање на пратениците кои учествуваат и одлучуваат на седницата од далечина се врши со изјаснување по повикот на претседателот на Собрнието со „за”, „против” или „воздржан” за прашањето за кое одлучува Собранието”.
Се предлага во записникот задолжително да се внесуваат пратениците кога на седницата на Собранието учествувале и одлучувале од далечина.
Собранието, како што се предвидува, на пратеникот ќе мора да му овозможи употреба на безбедна информациско – комуникациска технологија за учество и одлучување на седница на Собрание од далечина.
„За учество и одлучување на седница од далечина се употребува безбедна информациско – комуникациска технологија која овозможува пренос и снимање на слика и звук или само на звук со квалитет од кој со сигурност може да се утврди идентитетот на пратеникот кој на седницата учествува надвор од Собранието”, се предвидува со предлогот.
За се што не е уредено со одредбите од овој предлогот деловник се применуваат одредбите од Деловникот на Собранието на Република Македонија.
Во оценката за носење на Предлогот се наведува дека далечинско работење на парламентите е нов тренд во земјите од Европската унија и од целиот свет, како што се Шпанија, Белгија, Бразил, Полска, Романија, Словенија, Хрватска и други земји кои заради здравствената криза ги променија своите правила и процедури за работа на парламентите и од практична примена на ваквиот начин на работа го промовираат како решение кое во услови на пандемија се покажало како успешно.