Tројца ученици од основните училишта во земјава ќе добијат целосна стипендија „Борис Трајковски“ за да го продолжат средното образование во Меѓународното училиште „Нова“ следната учебна година. Конкурсот за стипендиите „Борис Трајковски“ се организира по 17. пат, во чии рамки се доделуваат три целосни стипендии и финансиска помош за најмногу до 10 ученици со кои се покриваат од 10 до 50 отсто од трошоците за четиригодишно школување во „Нова“.
За оваа стипендија може да се пријават сите ученици од деветто одделение коишто имаат одличен успех, одлично го владеат англискиот јазик, го почитуваат мултикултурализмот, отворени се за нови искуства и негуваат заеднички вредности со меѓународната заедница на училиштето „Нова“. Годинава, поради пандемијата на коронавирусот, конкурсот за стипендиите „Борис Трајковски“ ќе се одвива во поразлични услови од претходните години. Оваа година нема да се спроведува физичко тестирање на пријавените ученици, туку стручна комисија ќе ги оценува материјалите кои апликантите ќе ги испратат во електронска форма. Учениците треба да подготват видео есеј не подолг од 3 минути во кој треба да го објаснат личното гледиште на зададена тема, како и рефлексија во пишана форма не подолга од 150 зборови, во која ќе го објаснат личниот процес на учење и постигнување резултати.
За да им овозможи повеќе информации за програмата за стипендирање и да им ги даде потребните насоки за подготовка на материјалите, „Нова“ ќе организира информативна онлајн средба за ученици која ќе се одржи на 2 декември во 18 часот. Заинтересираните ученици треба да се пријават на линкот најдоцна до 30 ноември. Учениците што ќе се регистрираат за онлајн состанокот, ќе добијат покана на нивниот имејл за да се приклучат. На оваа средба, учениците ќе ја добијат и темата за видео есејот.
Поднесувањето на материјалите во електронска форма ќе биде отворено од 2 до 8 декември, а на 16 декември ќе бидат објавени имињата на кандидатите кои влегле во потесниот избор и продолжуваат во следниот круг. Овие кандидати ќе бидат вклучени во различни креативни и кооперативни тим-билдинг активности, чии деталите ќе ги добијат на почетокот на јануари 2021 година. Имињата на добитниците на стипендиите „Борис Трајковски“ ќе бидат објавени на крајот на февруари 2021.
– На наше огромно задоволство, оваа година ја продолжуваме традицијата што започна во 2005 година во чест на прерано починатиот претседател Борис Трајковски. Заедно со фондацијата која го носи неговото име ги доделуваме стипендиите за ученици кои се исклучително амбициозни и желни за нови знаења и мултикултурни искуства. Фактот што досега сме доделиле целосни стипендии на околу 50 млади луѓе од земјава, од кои најголемиот дел биле или сѐ уште се успешни студенти на најреномираните светски унивезритети доволно зборува за успешноста на оваа програма и нејзиното големо значење. Интересот за програмата расте од година во година, така што веруваме дека дури и специфичните услови во кои годинава се одвива целиот просец на селекција нема да влијаат врз бројот на пријавени кандидати – велат претставници на Меѓународното училиште „Нова“.
Повеќе информации за програмата за стипендирање „Борис Трајковски“, како и за конкурсот за учебната 2021/22 година може да најдете на линкот https://nova.edu.mk/bt-scholarship.aspx.