Кој ќе го сопре бугарскиот мобинг врз Северна Македонија?
Барањата на Бугарија кон Северна Македонија се дрзок, ненаучен, нереален и лесно проѕирен внатрешнополитички мотивиран потег. Берлин мора да го притисне својот „пријател” во Софија, пишува Гудрун Штајнакер – поранешен заменик германски амбасадор во Бугарија од 2006 до 2009 и амбасадор на СРГ во Северна Македонија од 2011 до 2014, како и соработник на германската амбасада во Норвешка од 1991 до 1995.
Сега веќе етаблираниот премиер Бојко Борисов неодамна со право потсети на тоа дека неговата партија била основана кон крајот на 2006 со германска помош. Се виде дека и пристапувањето на Бугарија во ЕУ на 1 јануари 2007 нема да го промени фактот дека бугарската влада под водство на премиерот Сергеј Станишев, кој во меѓувреме со години беше претседател на ПСЕ, тоне во незамисливо мочуриште од корупција и криминал.
Затоа на „запад” се бараше алтернатива во надеж дека ќе се стави под контрола економската и криминална елита главно произлезена од поранешните комунистички тајни служби.
Тоа, за жал, не успеа ни до денешен ден. Всушност тие елити само се подмладија- синовите, ќерките и протежеата на првата гарда по падот на комунизмот се сега на власт. Но, тие непроменето меѓусебно си ги делат ресурсите на земјата, вклучително и субвенциите од ЕУ.
ГЕРБ настана со значителна помош пред сѐ од фондацијата на ЦСУ, Ханс Зајдел. Дури и името на партијата беше измислица на советниците од фондацијата.
Уште години претходно, Баварија со помош на фондацијата, значително учествуваше во реформата и опремувањето на бугарската полиција и изгради добри врски со земјата.
Лажни надежи
Се негуваше надеж дека наметливиот Цветан Цветанов, долго време десна рака на многу популарниот градоначалник на Софија, Бојко Борисов, некогаш потпретседател на ГЕРБ и по изборната победа во 2009 министер за внатрешни работи, ќе успее да воведе ред и поредок. Партиската база на ГЕРБ беа полициските сили во земјата во кои Баварија веќе имаше многу инвестирано.
Резултатот по 11 години е скромен. ГЕРБ од 2009 речиси непрекинато е на власт. Елитите се истите како и претходно. Корупцијата цути со постојано нови методи за да се присвојат дури и пари од ЕУ. Актуелниот извештај во рамки на контролниот механизам создаден конкретно за Бугарија и Романија со годишни извештаи за напредокот на правната држава укажува на мрачна слика за состојбата во Бугарија.
Чудно е само тоа што минатогодишниот извештај беше толку пооптимистички. Дали ситуацијата во Бугарија навистина толку се влоши за само една година? Повеќемесечните демонстрации против владата, на кои особено има млади луѓе, не ја потресоа до сега владата, но изборна победа на ГЕРБ на претстојните избори во март следната година е под прашање.
Борисов, за кого се вели дека е заморен од владеење, сака да издржи до изборите и да и’ ја обезбеди власта на ГЕРБ. Бугарската социјалистичка партија која настана од Комунистичката партија и, по пресвртот, повеќе од 15 години ја диктираше политиката во земјата, не е алтернатива. Таа тешко ќе може да и’ стави крај на испреплетеноста на економијата, политиката и организираниот криминал во кои и самата е вмешана. ЕУ беше, и е надеж за многу Бугари, и покрај тоа што многумина се разочарани и од неа.
Потрага по сојузници
За останувањето на власт на Борисов затоа му се потребни сојузници. Една од тие партии е партијата на актуелниот министер за одбрана и вицепремиер Красимир Каракачанов и претседател на сојузот Обединети патриоти, кој како и многу политичари од периодот по падот на комунизмот, на пример поранешниот претседател на БСП, Георги Парванов, е некогашен информант на бугарските тајни служби.
Обединети патриоти може да се потпрат на мала, но стабилна поддршка од речиси 10% од гласачите. Од последните избори во 2017 тие одиграа значајна улога за одржување на власт на ГЕРБ. Оттука, набљудувачите се на мислење дека, првенствено поради внатрешнополитички причини, бугарската влада преку бугарската министерка за надворешни Захариева најави вето за почеток на пристапните преговори во ЕУ за Северна Македонија, доколку таа не признае официјално дека македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот. Ова де факто и’ оди во прилог и на опозициската националистичка ВМРО-ДПМНЕ во Северна Македонија, која ликува бидејќи на премиерот Зоран Заев повторно не му успеа да го започне процесот на пристапни преговори со ЕУ.
Но, самото тврдење дека македонскиот е само еден дијалект на бугарскиот, е ненадминлив во својата апсурдност. Како и денешниот бугарски јазик во 19 век, така и македонскиот по Втората светска војна се кодифицирал како стандарден јазик од страна на лингвистот Блаже Конески врз база на повеќе дијалекти кои се зборувале на територија на денешна Северна Македонија.
Оттука, македонскиот се појавил како стандарден јазик нешто подоцна, но истовремено со другите подоцнежни национални јазици во Европа. Така, на пример, денешниот стандарден норвешки Бокмаал е формиран врз основа на Риксмал во 19 век и создаден по независноста на земјата во 1905-та врз основа на јазикот кој се зборувал во новата престолнина Кристијанија/Осло – дотогаш во Норвешка се пишувало на дански. Но, никој денес не го доведува во прашање постоењето на норвешкиот јазик, а норвешката литература со право е популарна на меѓународно ниво.
Апел до Берлин
Оттука барањата на Бугарија кон Северна Македонија се дрзок, ненаучен, нереален и лесно проѕирен внатрешнополитички мотивиран потег. Со ова мора да му се даде за право на првиот човек на тинк-тенкот Европска иницијатива за стабилност (ЕСИ), Гералд Кнаус, кој одлучно бара разликите во ставовите околу националните прашања, историја, идентитет, вклучително и национален јазик, да не смеат да се користат за попречување на зачленување во ЕУ.
Поради тоа, Сојузната германска влада мора да го искористи претседателствувањето со ЕУ, да апелира врз разумот на бугарската влада, особено на „партискиот пријател” во ЕНП, премиер и претседател на ГЕРБ, да си ја преземат својата одговорност кон Европа и полемиките околу историјата и јазикот да им ги препуштат на експертите.
Наместо ова, Борисов и неговата политичка елита во Бугарија треба повеќе да се погрижат за тоа конечно да си ги завршат домашните задачи во борбата против корупцијата и криминалот.