Европската комисија препорача брзите тестови за откривање на коронавирусот да се користат главно кај луѓе што покажуваат симптоми.
„Брзите анагени тестови треба да се користат во рок од пет дена од почетокот на симптомите или во рок од седум дена по контакт со лице заразено со Ковид-19“, се вели во необврзувачка препорака до владите на ЕУ.
„Што се однесува до можноста за употреба на брзи тестови кај асимптоматски лица, треба да се има на ум дека податоците за нивната ефикасност во овој контекст се многу ограничени“, се наведува во препораката.
Воедно, се повикуваат земјите членки да се користи заеднички сет на тестови, што е од големо значење за прекуграничните движења во рамките на ЕУ, следењето и третманот на прекуграничните контакти.
Како најсигурни остануваат ПЦР-тестовите, но нивните резултати треба да се чекаат неколку дена, а резултатите од брзите тестови се добиваат за речиси половина час.