Ново истражување спроведено во САД, кое испитува како пандемијата на Ковид-19 влијае на осаменоста на младите возрасни луѓе, открива „значајни симптоми на депресија” кај 80 отсто од учесниците.
Над 1.000 Американци на возраст од 18 до 35 години учествуваа во анонимно истражување преку интернет во коешто одговараа на вкупно 126 прашања за анксиозноста (вознемиреност) и употреба на одредени супстанции. Анализата потоа покажува дека загрижувачките нивоа на осаменост се поврзани со значителни проблеми со психичкото здравје.
Дури 61 отсто од испитаниците пријавиле умерена (45 отсто) до тешка (17 проценти) анксиозност. Покрај тоа, 30 отсто од испитаниците пројавиле штетно ниво на потрошувачка на алкохол, а 22 проценти пријавиле дека користат дрога. Натаму, 38 отсто од испитаниците користеле потешки лекови.
Предводничката на научниот труд, Вивијана Хориџијан смета дека е исклучително важно да им се обезбеди психолошка помош на луѓето за време на пандемијата. – Конвергенцијата на пандемијата и „епидемијата на осаменост” и зависностите во САД ќе продолжи. Овие млади луѓе се иднината на нашата нација, треба да им пружиме психолошка помош. Решавањето на проблемите со менталното здравје и употребата на дрога кај младите возрасни лица, за време и по пандемијата на Ковид-19, е најважно, рече д-р Хориџијан.
Анкетата е спроведена меѓу 22 април и 11 мај со учество на 1.008 учесници, со просечна возраст од 28 години. Секој симптом (осаменост, вознемиреност, депресија, употреба на алкохол, дрога) се мери според меѓународно признатите системи за бодување. Истражувачите притоа користеле модел кој ги разгледувал директните ефекти на осаменоста и социјалната изолација врз депресијата, вознемиреноста, употребата на алкохол и дрога. Тие исто така ги набљудуваа индиректните ефекти на осаменоста и социјалната кохезија врз употребата на алкохол и дрога.
Резултатите покажуваат дека мнозинството учесници кои пријавиле зголемување на чувството на осаменост, исто така, пријавиле и поголем внос алкохол (58 отсто), како и употреба на дрога (56 отсто), поизразена анксиозност (76 отсто) депресија (78 отсто) и намалување на чувството на социјална поврзаност (58 отсто). Загрижувачки 49 отсто од испитаниците пријавиле висок степен на осаменост.
Огромен дел од испитаниците (80 отсто) пријавиле пиење алкохол, а 30 проценти откриле штетно и зависно ниво на консумација на алкохол. Околу 19 отсто од нив пријавиле дека пиеле прекумерно најмалку еднаш неделно, а 44 проценти биле во алкохолизирана состојба најмалку еднаш месечно.
Истражувачите се надеваат дека овие резултати ќе помогнат да се осмислат упатства за интервенција и помош на младите луѓе.