Владата има јасна определба, дава шанса на процесот и работи на тоа да дојде до усогласување на ставовите според јасно утврдени македонски национални позиции и согласно стратешките евроинтеграциски цели на земјава, изјави владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција во однос на тоа што ќе се случува по официјалното бугарско вето за првата меѓувладина конференција и дали Владата има стратегија.
– Се работи заедно со нашите меѓународни сојузници. Посебно сме благодарни како Влада на зајакнатиот ангажман на германското претседателство со ЕУ. Токму во вакви моменти на предизвик треба да се покажат европски вредности, дијалог наместо конфликт, смиреност и подготвеност за соработка наместо национализам за домашна употреба и нови изолации, рече Арсовски.
Тој потенцира дека македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори.
– Владата не може и никогаш нема да се откаже од нашето право на самоопределување кое е гарантирано со Повелбата на ОН, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Лисабонскиот договор, како уставна основа на ЕУ. Практично и темелните вредности на Уставот на Република Северна Македонија, изјави Арсовски.
Тој нагласи и оти засега нема размислување, ниту иницијатива за повлекување на членовите на Комисијата за историски прашања.
– Напротив, Владата смета дека ова е многу важен сегмент во преговорите со Бугарија и се надеваме на разрешување на останатите прашања на ист начин со темпо брзо како што имаше разрешување на пет историски личности, три историски периоди во наредниот период да се дојде до решение, истакна владиниот портпарол, додавајќи и оти нема информација за евентуална средба меѓу премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.
На новинарско прашање за барањата на опозицијата за нејзино вклучување во формирање национален став по ова прашање, Арсовски рече дека македонските позиции се јасни, тие се познати и во јавноста.
– Ако реферирате на идејата за лидерска средба – не е предвидена и Владата смета дека за тоа нема потреба. Македонските позиции се јасни, тие се познати во јавноста. Запознаена е и бугарската страна и меѓународниот фактор. Овде само би упатиле повик до сите чинители да се однесуваат конструктивно за стратешките прашања и на таков начин да учествуваат во дебатата. Сметаме дека треба да се има одговорност, да не се прави штета со долевање масло и не треба да се дејствува деструктивно и на начин што би се поттикнувал говор на омраза, посочи Арсовски.
Во одговор на новинарско прашање кога би се постигнал договор со Бугарија, Арсовски рече дека во ваква ситуација е многу неблагодарно да се прогнозира временски.
– Разговорите, преговорите траат непрестано цело ова време. Двата тима од министерствата за надворешни работи разговараат, така што стратегијата е многу јасна и претходно го кажавме тоа дека сметаме оти Договорот за добрососедство е одлична рамка за да се изнајде решение, дека дава можност за решение, дека експертската комисија за историски прашања треба да продолжи кон изнаоѓање на решение и затворање на оние отворени историски личности коишто останаа како неразрешени во овој период, така што има се уште простор. И само ќе се повикаме на германското претседателство на ЕУ, што отвори простор и даде сигнал дека до крајот на годината има можност за одржување на првата меѓувладина конференција, посочи тој.
Арсовски дополни и дека нема да има анекс на Договорот за добрососедство, бидејќи, како што повтори, ставот на Владата е дека договорот е одлична рамка за решавање на сите отворени прашања.
с Ако реферирате за онаа идеја како да се дефинира јазикот, право на Бугарија е да остане на таквото барање, да се реши со фуснота или на било каков друг начин, меѓутоа, тоа за нас е неприфатливо како Влада и сметаме дека не е добра основа за компромис. Европската Унија го признава македонскиот јазик, истиот го користи при преводи на настани и публикации и во исто време една земја членка Бугарија, има задршки за јазикот и имаат право на своја позиција, и Советот на ЕУ тоа може да го земе предвид, но не може да биде став на ЕУ. Македонскиот јазик е веќе потврден во документите на ЕУ, и тоа е неприкосновено право на Република Северна Македонија, истакна владиниот портпарол Арсовски.