Инфективните одделенија се полнат со пациенти и тоа со тешка клиничка слика. На штипското Инфективно одделение од вчера додадени се уште пет болнички кревети, па наместо 65 сега во овој регионален ковид центар ќе се лекуваат 70 пациенти. Вчера во него имаше 69 пациенти и еден слободен кревет. Раздвижено е во кругот на Инфективното одделение во Штип, пациенти чекаат амбулантски преглед, друштво им прави по некој роднина. Некои се тивки, замислени, очите им говорат дека во нив има тага, болка, а во меѓувреме го чекаат исходот од прегледот, други пак почнуваат разговор, па доколку лекар или сестра се надвор во кругот бараат одговори за нивната состојба и што понатаму.
Во оваа амбуланта дневно се прегледуваат сто пациенти. Бројката која неколку недели никако да се намали покажува и колкав е голем притисокот врз здравствениот систем. Возила на Итната медицинска помош со регистерски таблички од сите градови на истокот носат пациенти на кои им треба болничко лекување, терапија и кислородна поддршка. Големите боци со кислород во дворот чекаат да бидат наполнети, или доколку се наполнети да се качат во некоја од болничките соби.
Ова е сликата од надвор на Инфективното одделение, постојано фотографирана и снимена од новинарските екипи. Но, како е внатре во црвената зона, низ болничките соби, кревети, ходници, каде што коронавирусот сигурно го има. МИА влезе во Инфективното одделение, каде што се лекуваат најтешко болните пациенти со коронавирусот од целиот источен регион.
Пациенти од болничките кревети апелираат носете маски
На самиот влез на одделението, едната врата ве води кон собата, за дежурен лекар, каде што почнува и неколку минутната постапка за да се облече заштитната опрема. Маски, каљачи, капи, скафандер, визир, за сето тоа да се облече помага и инстрикуции дава медицинската сестра Вале, кои со директорот на болницата Ален Ѓеорѓијев веќе механички и за неколку секунди се во заштитната опрема. Мобилниот во рака, но визирот прави проблеми, на моменти пред очите ништо не се гледа, но се е за кратко.
Излегуваме од собата, а од соседната врата се слушаат гласовите на медицинските сестри во дневната амбуланта, на самиот влез стојат епруветите со крв, подготвени да се носат во болничката лабораторија. Влегуваме веќе на долниот кат, каде што се болничките соби, кои порано беа Нервно одделение, а сега во нив се сместени пациенти на кои им треба болнички третман од Ковид 19. Отаму се качуваме на горниот кат, каде што низ ходниците и собите се движат лекарите, медицинските сестри, болничари и хигиеничари. По влажниот, но стар под се познава дека пред да влеземе, хигиеничарите поминале со џогерите. Во собата за медицински сестри се подготвува терапијата за пациенти. Лекови, инјекции, мерачи за сатурација, топломери им се при рака на персоналот, за да им се помогне на пациентите. На горниот кат низ болничките соби е зоната, позната како црвена, високо ризична, каде што се тешко болните.
Влегуваме во соба број 14, каде што пациентка на средна возраст и покрај маската за кислород, со која тешко се говори за МИА сакаше да ја сподели својата приказна. Една недела е во ковид центарот.
-Јас сум од Кочани, бев во многу тешка состојба. Персоналот е фин и тимски си ја работат работата, што и да сум побарала за се сме услужени, без кислород не сме останале, без лекарства не сме останале, кога и да сме ги побарале сестрите се тука. Значи здружен тим, секоја и чест, вели пациентката од Кочани.
Прашана дали сепак треба нешто да се промени и колку персоналот е оптеретен со работа, пациентката со одговор дека од раните утрински часови се на нозе.
-Ние спиеме некогаш, они почнуваат терапијата да ја делат, како им е цел ден со тие скафандери што ги носат. Тоа е се оптеретување, вели пациентката.
Не знае како се заразила од вирусот, кој и донесе низа компликации. Тестот и бил негативен, но на дополнителните анализи и на компјутерскиот томограф, откриен е вирусот. Постојано била со заштитна маска, кога излегувала од дома.
-Сите да носите маски, без разлика каде и да сте, било на отворено, било на затворено. Јас знам по мене никаде немам излезено од дома без маска, а сега сум на ова дереџе. Температура качив, бев на лекар. Навистина не знам од дома немав излезено, додава пациентката, на која маската со кислород и е постојано на устата.
Продолжуваме низ болничките ходници, на одредени места се поставени маси, на коишто има лекови за пациентите, на кои им е потребно итно да им се дадат. Поминува болничарот, кој со количка го носи ручекот на пациентите. Влегуваме во втора соба, овојпат со машки пациенти, сите повозрасни, пензионери. На лицата носат маски, немаат боци со кислород покрај нивните кревети, па простор има за три кревети. На масичките при рака имаат наполнети шишиња со вода, а при влезот во секоја соба има чешма и тоалет. Еден од нив самиот ја почна приказната, како стасал во овој болнички кревети. Деветти ден е во него, а вели дека секакви пациенти има. Едни задоволни, а други незадоволни од персоналот, кои ги лекуваат. Смета дека ваквата состојба не е само кај нас, туку насекаде низ светот. Додека тој говори, од соседниот кревет се слуша тешката кашлица на неговиот цимер. Се што слушнал на телевизија за лекот, вакцината за коронавирусот и ни го презентира.
-Здравствените работници, од чистач до доктор се е на најголемо ниво. Немаат слободни денови, се истите фигури ги гледаме, секој ден се на работа. Јас и се дивам како издржуват, вели пациентот од Кочани.
И тој не знае како се заразил, носел маска, ама какошто вели еве му се случило да се зарази, а згора на се има и астма.
– Болеста е прилично тешка, со физиолошката некако се поминува, првите денови бев и со кислород. Во градите најпрвин чувствував болки, главоболка, висока температура, при движењето малаксаност, не можеш ниту сам да јадеш. Јас на пример бев 125 килограми, а сега сум 110 килограми, вели пациентот.
Низ собите и ходниците на одделението се познава дека одамна требало да се заменат прозорците, плочките по подот и ѕидовите. Единственото Инфективно одделение во источниот регион е изградено пред 40 години, досега во него ништо не е подновено. Со европски пари во март требаше да се подноват прозорците, столаријата, фасадата и да се олесни пристапот за лицата со инвалидитет. Но, проектов засега е стопиран, единствен спас за да се искористат околу 200.000 евра од фондовите на ЕУ ќе биде новата модуларна болница, во која ќе се префрлат пациентите, за да може избраната фирма во рок од еден до два месеца да ги заврши сите предвидени градежни активности.
Нова реорганизација на работата во штипското Инфективно одделение
Напливот на пациенти, реакциите за третманот кои пристигнуваат од семејства на починати пациенти, каков што е случајот со 41-годишната пациентка од Берово се причина и за нова реорганизација на ова одделение. Директорот на болница, Ѓеорѓијев вели дека направен е план, да се зајакне и на помош да им дојдат медицински сестри од други одделенија.
За состојбата на ова одделение за МИА говореше, најискусниот, но во моментов и единствен инфектолог во ковид-центарот, откако две лекарки се на боледување, една подолго време, а втората поради втор позитивен тест на коронавирусот.
Инфектологот Глорија Караѓозова вели дека од почетокот на ноември имаат голем наплив на пациенти, без најави од здравствените установи од општините во источниот регион, со амбулантни возила им носат пациенти, па во тие моменти екипа мора да трча и да ги спасува пациенти, во меѓувреме телефоните на сестрите и лекарите постојано ѕвонат како од пациентите, кои се во болничките соби, така и од оние кои се лекуваат дома.
-Проблемот со телефоните кој беше, а мислење на сите овде е дека, како на сестрите и на лекарите, кои дежураме е дека ни се во буквална смисла пребукирани. Имаме службен докторски и служен телефон на сестрите. Меѓутоа тоа беше со една намена сестринскиот телефон да биде за пациентите, нашиот докторски телефон преку кој да ги извршуваме сите консултации, со матични лекари, потоа со лекари од другите центри и можам да кажам дека имаме не злоупотреба, туку се преоптеретија и на самите линии на коишто се јавуваат и пациенти , кажуваат некои банални работи или основни работи за ковидот, кои можат да си ги завршат кај матичните лекари. Значи имаме и пребукираност на линиите и тоа на двете, не можам да кажам, најверојатно можби имало кратки моменти во коишто некоја медицинска сестра не можела да одговори на пациентите. Но, тоа се и термини кога сестрите се подготвуваат на одделите. Тие се веќе присутни и без разлика дали во тој момент телефонот ѕвони или не, вели Караѓозова.
Од вчера во функција се ставени нови два телефона. Овој начин на комуникација со пациентите е што нема копчиња во собите, преку кои се бара помош од персоналот.
На одделението формирани се четири тимови, а во секој тим има по четири медицински сестри, на единствениот инфектолог на одделението му помагаат и специјалистите од сродните гранки. Во грижата за пациентите вклучени се интернисти, невролози, психијатри, кожни лекари и еден хирург. Прашана дали болниците се веќе колабирани, со напливот на голем број пациенти, Караѓозова со став дека сега за сега се координирани и покрај тоа што се чувствува напливот.
-Меѓутоа најверојатно ќе има решение дали тоа ќе биде со проширување на капацитетите, а ние мора да го издржиме овој наплив на пациентите и мора да ја издржиме оваа пандемија, вели Караѓозова.
Смета дека со исполнувањето на болничките капацитети и се потешките пациенти, кои ги примаат на одделението почнува да се намалува и бројот на скептиците, оние кои не веруваат во вирусот и го поврзуваат со светски заговори.
-Имаме пациенти кои се јавуваат кај нас и тоа во фаза на паника, кое од една страна е добро, бидејќи мислам дека свеста малку и ќе проработи и да се почитуваат сите мерки, коишто постојано се препорачуваат, рече Караѓозова.
На одделението имаат пациенти на различна возраст, а последните две недели доминираат повозрасните со коморбитети.
Разлика меѓу пролетниот и есенскиот бран постои. Во април на одделението биле потрошени еден и пол тон , а во октомври околу 14 тони кислород. Директорот на болницата Ѓеорѓијев вели дека ова говори во каква тешка состојба се пациентите. Ако пролетта имале пациенти со средна клиничка слика, сега сите им се со тешка. Минимален број починати имаа во текот на март, април, мај, а сега есенските месеци имаат дневно по двајца, тројца, па и четворица пациенти на различна возраст. Во последните 15 дена во општините од истокот починале 33, а од почеткот на пандемијата 133 лица. Во Штип за половина месец битката со вирусот ја изгубиле 16 луѓе, а од почетокот на пандемијата бројката е 47. Во Кочани и Свети Николе во последните две недели четири, а по двајца за овој период во Пробиштип, Берово и Пехчево, додека во Делчево три лица.