Софија ја оствари заканата за вето, Берлин остава простор за решение до крајот на декември, преговорите продолжуваат

– Бугарија ја оствари заканата за вето блокирајќи го усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија и одржувањето на првата меѓувладина конференција на вчерашниот видео-конференциски состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ. Сепак, германското претседателство со Унијата и Европската Комисија, потврдија дека ЕУ не се откажуваат од решение до крајот на оваа година. Од Владата оценуваат дека одлуката на Бугарија не е во духот на добрососедството и Договоерот за пријателството, но најавуваат дека разговорите продолжуваат до изнаоѓање вин – вин решение во интерес на нашата европска иднина и во рамки  на позициите што ги има и  ги прокламира државата.

Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева по министерскиот состанок на прес-конференција изјави дека Бугарија во оваа фаза не може да ја поддржи преговарачката рамка со С Македонија, затоа што предложениот нацрт не ги одразува бугарските барања и не може да биде поддржан во сегашната форма, изјави Захариева.

Бугарија инсистира да се утврдат три услови во преговарачката рамка со земјава и тоа „придржување кон формулацијата за јазикот од 1999 година, потврдена и со Договорот за пријателство и добрососедство; утврдување план за спроведување на Договорот од 2017 година; и многу јасен и прецизен текст дека нема да има претензии за македонско малцинство во Бугарија”.

– Овие услови се уште не се вклучени во нацрт преговарачката рамка, нагласи Захариева.

Според неа, треба да се вложат повеќе напори во преговорите, бидејќи, како што рече, „поентата на подготовката за членство е да се направи Унијата посилена, рече Захариева. Засега Бугарија, рече таа, може да ја одобри само преговарачката рамка со Албанија затоа што земјата „ги исполнила повеќето услови поставени во март”.

Германскиот министер за Европа и претседавач со министерскиот состанок на ЕУ, Михаил Рот, по бугарската блокада порача дека ЕУ не се откажува да помогне да се надмине спорот помеѓу Скопје и Софија и до крајот на оваа година да се усвои преговарачката рамка, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Минатата недела претседателството се обиде да ги приближи позициите, но не успеавме да ги убедиме да се согласат со преговарачката рамка. Во наредните денови или недели сигурно ќе се обидеме да го испратиме овој важен сигнал до Западниот Балкан, тоа ќе зависи од волјата на двете страни да се усогласат, не е се само во наши раце, рече Рот.

Тој изрази задоволство што Бугарија и Северна Македонија продолжуваат да разговараат. За Германија како претседавач, рече министерот Рот, е важно да се биде од помош во потрагата по разумно решение. – Сакаме да го расчистиме патот што е можно повеќе, за да се одржи првата Меѓувладина конференција, рече Рот.

Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, исто така потврди дека ЕУ не се откажува од решение до крајот на оваа година.

– Чувствуваме дека сме во последната линија за двете преговарачки рамки (со Албанија и Северна Македонија – н.з.) и ставање на процесите на цврста база, важно е да се удвојат напорите за решавање на споровите и да се изнајде договор за преговарачките рамки, сакаме одржување на првата Меѓувладина конференција што е можно побргу, рече Шефчович.

Одлуката на Софија да блокира, од нашата Влада беше оценето како неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи.

– Задршката на Бугарија да ја одобри преговарачката рамка не е во духот на добрососедските односи. Ваквиот став на бугарската Влада е спротивен на членот 2 од Договорот за пријателство од 2017. Нашата позиција е јасна: ние сметаме дека европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања, се наведува во реакцијата на Владата доставена до МИА по состанокот на Советот на министри на Унијата..

Изразувајќи благодарност на зајакнатиот ангажман на германското претседателсто со ЕУ, како и на личниот ангажман на канцеларката на Германија, Ангела Меркел, од Владата најавуваат дека разговорите продолкжуваат до изнаоѓање вин – вин решение во интерес на нашата европска иднина.

Премиерот Зоран Заев во гостување на ТВ 21, оцени дека неусвојувањето на преговарачката рамка е најголем пораз за ЕУ. Вели дека блокадата од Бугарија лично му паднала тешко затоа што ни е нанесена голема неправда, изразувајќи уверување дека тоа, сепак, не е желба на бугарскиот народ и на премиерот Бојко Борисов. Разговорите рече продолжуваат до изнаоѓање решение, „а тоа е тие да водат грижа за нас и нашите позиции, ние да водиме грижа за нив и нивните позиции и низ духот на пријателството тоа да го постигнеме.”

– Секако тоа не е невозможно заради тоа што ние не сме многу далеку, работата е што изненадувачки се појавија вакви нови моменти кои што немам друго објаснување за мене освен дека близината на изборите во Бугарија се причината, но јас би дал шанса до самиот крај на можноста да се разговара за ова затоа што верувам дека сепак е можно да се постигне решение, истакна Заев, изразувајќи надеж дека тоа ќе се случи до крајот на германското претседателство.

Според шефот на дипломатијата, Бујар Османи, пропуштена е шансата за усогласување на преговарачката рамка, но следната е на состанокот на Советот за општи работи во декември. Тој нагласи дека никако не можеме да се откажеме, немаме алтернатива и оти разговорите продолжуваат уште од денеска со цел да најдеме начин да ги надминеме овие разлики во рамки  на позициите што ги има и  ги прокламира државата.

– Мислам дека постои простор, мислам дека Бугарија е свесна за штетата  што ја направи денеска и за сопствената позиција и за нашите односи  и за кередибилитетот на  ЕУ. Кредибилитетот на ЕУ  се  градеше со децении и инвестирано е премногу во тој кредибилитет за да може така лесно да се наруши. Мислам дека сега оваа ситуација ќе не доведе во позицији да  можеме да  рефлектираме сите за влогот и за последиците, рече Османи. 

Европратеничката од Словенија, Тања Фајон, вчера за МИА изјави дека земјите членки на ЕУ не смеат повеќе да го одлагаат отворањето на преговорите за членство со Северна Македонија и ги повика да ја преземат својата одговорност.

– Сите носиме одговорност, и Северна Македонија ја исполни својата работа, секое дополнително одлагање ќе им наштети пред сѐ на нејзините граѓани посебно во овие времиња на пандемија кога економскиот и социјалниот развој и се многу потребни на земјата, додаде Фајон, јави дописничката на МИА од Брисел.

Либералите во Европскиот парламент исто така испратија апел до бугарските власти да престанат да ја кочат Северна Македонија.

– Процесот на пристапување во ЕУ не смее да биде искористен од земјите членки како уцена за да добијат отстапки од соседите и да туркаат популистичка и националистичка агенда за домашни политички причини, порачаа Либералите во Европскиот Парламент, каде членува известувачот за С Македонија, Илхан Ќучук, како и партијата на францускиот претседател, Емануел Макрон.

И поранешниот амбасадор на ЕУ во Скопје Ерван Фуере оцени дека тактиката што во моментов ја користи Владата на Бугарија кон нас е прилично неразумна и контрапродуктивна и може да има сериозни последици, не само за односите меѓу двете земји, туку и за целиот регион, и за политиката на проширување на Европската унија.

– Бугарија го користи своето членство во ЕУ за да наметне сопствено толкување на историјата, како и да инсистира на тоа дека нејзината верзија мора да биде прифатена од други земји пред да започнат пристапните преговори. И тоа е контрапродуктивно бидејќи ја поткопува политиката на проширување на ЕУ и оди целосно спротивно на принципите врз кои се базира европската интеграција и со кои Бугарија се согласи кога стана членка на ЕУ во 2007 година, истакнува Фуере. во интервју за Бугарското национално радио.

Бриселскиот веб сајт „ЕУ Обзервер” објави напис во врска со бугарското вето кон официјалниот почеток на преговори со Северна Македонија, оценувајќи дека Бугарија носи „историски багаж” на масата на ЕУ.

– Требаше да биде техникалија, но се претвори во ново фијаско на процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан, вмешувајќи ги во тоа Хитлер, Сталин и Тито. Денешните разговори ќе се соочат со ново бугарско вето, што го базираат, како што кажа еден висок ЕУ дипломат, врз овој „историски багаж”, пишува „ЕУ Обзервер”.

Ја пренесува и изјавата на претседателот Стево Пендаровски за „ЕУ Обзервер” дека барањата на Бугарија од изминатата година го надминуваат опсегот на Договорот од 2017 и влијаат врз идентитетските прашања, што не е прифатливо за нас. Договорот од 2017 година, посочува тој, има за цел „да ги оддели историските од политичките прашања”. – Ова овозможува разликите во однос на историјата да бидат предмет на академска дискусија, а не дијалог меѓу земјите, вели Пендаровски за веб сајтот.

Ивајло Дичев, професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија во својата анализа, посочува дека апсурдното вето што го подготвува Софија за Северна Македонија на патот кон ЕУ зборува за нивните сопствени комплекси.

– Ние веројатно сме несигурни во врска со нашиот идентитет, затоа сакаме да им го триеме носот на Македонците за да покажеме колку сме големи. Некои земји од ЕУ кои се против проширувањето со задоволство ќе се сокријат зад нашето вето. Се радуваат и Русите, кои ќе можат да делат и да владеат, и Кинезите, кои ќе можат слободно да инвестираат, Србите, кои утре ќе ја интегрираат Северна Македонија наместо нас. Зошто бараме повод да ја направиме оваа кобна грешка да ја запреме Северна Македонија, а патем и Албанија на патот кон ЕУ, прашува Дичев и порачува дека нациите успеваат кога гледаат напред, а не на она што неповратно го изгубиле.

Од опозициските партии во земјава, пак, излегоа со став дека одговорноста за неуспехот да се усвои преговарачката рамка со ЕУ и блокадата на Бугарија е на македонската дипломатија. Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од вицепремиерот за европски прашања и поранешен шеф на дипломатијата Никола Димитров, во спротивно најави интерпелација за него во Парламентот. 

Треба да знаете
Последни објави