Министерството за труд и социјална политика веќе ја изготвило драфт верзијата на законското решение за прогласување недела за неработен ден и ја доставило до министерствата и до Владата. Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска не сакаше да соопштува детали од оваа дравфт верзија, бидејќи, како што рече таа не е финална верзија. Само кусо посочи дека пред изработката биле чуени ислењата на сите засегнати страни.
-Законот се работи, направен е драфтот доставен е до колегите министри. Очекувам дека во скоро време јавноста ќе биде запознаена со деталите. Отприлика ја имаме сликата како треба да се движи овој процес дали држи и дилемата дали е во ред во услови на пандемија да се направи овој чекор, но, законското решение граѓаните скоро ќе го видат. Драфт верзијата не е конечна верзија и затоа засега не сакам да ги споделувам деталите со јавноста, рече Шахпаска.Таа појасни дека била направена работна група внатре во Министерството, но и меѓуресорска група со вклученост и на други ресорни министерства како Министерството за економија, за транспорт и врски и за информатичко општество и јавна администрација, со цел заеднички да се разговара со сите засегнати страни.
-Имавме бројни состаноци со стопанските комори, со синдикатите и со организацијата на работодавачи, бидејќи сакаме да изготвиме решение кое навистина ќе биде наша определба недела неработен ден. Но, исклучоци мора да постојат во дејности витално важни за непречено фунционирање на општеството како здравство, безбедносни сили, притивпожарни служби…, рече министерката за труд и социјална политика одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето Договори за грантови за развој на социјални услуги со општините.
Според неа, во текот на дебатата се отвориле и дилеми од кои најголем дел, како што рече, се од проблематика што е во ингеренции на Министерството за економија.
-Поделени се мислењата дали треба или не треба да биде недела неработен ден. Но, јас морам да се повикам на анкета ССК во која стои дека 64,7 од нејзините членовите сметаат дека недела треба да е неработен ден. На прашањето дали би имале негативни последици околу 75 проценти одговориле дека нема да имаат. Тоа нам ни дава сериозна поддршка во изготвување на ова решение, рече Шахпаска.
Министерката истакна и дека се потребни и дополнителни консултации за да се види кои треба да бидат исклучоците.