Бугарскиот државен врв еден ден по несогласувањето Македонија да ги почне преговорите со ЕУ излезе со оправдување зошто постапиле така кон својот сосед.
-Бевме добронамерни, но и загрижени во десетиците разговори кои ги водевме со колегите од Скопје и навистина посакуваме Македонија да ги почне преговорите, рече премиерот Борисов на денешната седница на бугарската Влада.
Претставувајќи ја Македонија како најблизок пријател, Борисов изразил жалење за ветото, но нагласил дека потрагата по компромис дека не е завршена.
-Нашата позицијата е принципиелна. За жал, нашите пријатели од Скопје не пројавија апсолутно никаква ангажираност во таа сфера. Мислеа дека со притисок и лобирање ќе ја натераат Бугарија да ја промени својата позиција. И пак ќе речам, нашата позиција не е позиција на инат или позиција која ќе ги сопре нашите најблиски пријатели. Таа е принципиелна, изјавил Борисов.
Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева пред пратениците обвини дека Македонија само декларативно се залага за добрососедство и дека Скопје и понатаму продолжува со редица неосновани малцински, историски и јазични претензии.
-Решението е во добивање правни гаранции. Со таквиот однос, се чувствуваме принудени и должни, не само принудени, времено да ја сопреме поддршката и согласноста за одржување на првата меѓувладина конференција, се додека не добиеме јасна гаранција за црвените линии во правно обврзувачки документ, нагласила Захариева.
Бугарската вицепрмиерка како други примери во застојот на односите меѓу двете земји ги посочила, административните пречки за бугарскиот бизнис во Македонија, доцнењето на транспортниот коридор 8, како и антибугарскате реторика во медиумите.