Интегрален текст од прес конференција на пратеникот Иван Јорданов
„Онаа стара изрека „Рибата смрди од главата“, ја доловува ситуацијата во штипската Клиничка болница. Случајот пациент умрел молејќи за кислород оди директно до раководството на штипската болница и до министерот Венко Филипче. Нашите извори говорат дека, кобниот ден, кога се случила драмата на Инфективното одделение во Штип, директорот на Клиничката болница, близок кадар на Филипче, Ален Георгијев бил на смена како дежурен лекар токму на тоа одделение.
Да потсетиме дека во Штип умре пациентка, мајка сопруга молејќи за кислород кој што никогаш не го добила. После направениот инспекциски надзор, на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со решение му е дадено овластување на директорот веднаш да ја свика комисијата за следење на квалитет која ќе ја утврди фактичката состојба за спроведеното лекување на пациентката и околностите кои довеле до смртен исход.
Значи случајов со смртта на пациентката која не добила кислород треба да го испитува и решава Директорот на клиниката кој бил дежурен тој ден, а е познато дека е близок кадар на Венко Филипче. Ако го земеме во предвид фактот дека токму Директорот на болницата Ален Георгијев близок кадар на Филипче по распоред бил на Инфективно, за кое дежурство самиот претходно се пофали, тогаш има индиции дека самиот е одговорен за споменатата случка.
Тоа значи дека директорот на Филипче, Ален Георгијев сам на себе треба да си констатира неодговорност и пропуст при извршувањето на лекарските задачи во организацијата каде што е раководител. Поставувањето на директорот на Болницата во Штип Ален Георгијев да го испитува случајот за смртта на 41 годишната пациентка која почина молејќи за кислород кога тој самиот дента кога починала е одговорен и на смена во болницата укажува дека Филипче спроведува операција за заташкување на одговорноста за овој случај.
Очигледен е не само менаџерски, туку и лекарски пропуст, кој за жал резултирал со смрт на пациент. Бараме, Државниот санитарен и здравствен инспекторат јавно да го објави извештајот од Клиничката болница! По втор пат, го повикуваме јавното обвинителство да истражи дали има вистина во ова што го зборуваме и дали навистина најголема одговорност за овој случај треба да преземе токму Директорот на Клиничката болница во Штип! И бараме оставки за директорот на штипската болница Ален Георгијев кој бил одговорен дента кога починала пациентката и на најнеспособниот Венко Филипче кој го прикрива случајот. Го повикуваме и Директорот, да излезе пред јавноста не со дрски објави на социјалните мрежи, туку да образложи кој ќе сноси одговорност кога тој како лекар и директор е најодговорен за случајот со 41 годишната пациентка.